October 1, 2022 19:27
Економија

Дизелот поскапува за два денари, цената на бензините останува иста

Дизелот и Екстра лесното масло за домаќинства поскапуваат за два денари од ноќеска на полноќ, а нема промени кај цените на бензините и на Мазутот М-1 HC, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ).

Новата цена на дизел горивото – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) е 92 денари по литар, на Екстра лесното 88,5 денари по литар, а килограм Мазут М-1 HC ќе се продава за 52,814 килограми.

За литар ЕУРОСУПЕР БС – 95 и натаму ќе се плаќа по 88,5 денари , а 91 денар за ЕУРОСУПЕР БС – 98.

Со одлуката на РКЕВУ се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,91 процент во однос на одлуката од 15. месецов.

-Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 0,179 проценти, кај дизелот за 3,807 проценти, кај екстра лесното масло за 3,803 проценти и кај мазутот намалување во просек за околу 1,76 проценти. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој се формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,111 проценти, информира РКЕВУ.