Search

Дигиталната наставна платформа E-училница достапна за учениците

– Дигиталната платформа Е-училница со видеонастава и активности за учење преку игра  попладнево е достапна на интернет-адресата: www.eduino.gov.mk. Оваа национална платформа за далечинско учење се става во функција за да овозможи продолжување на воспитно-образовниот процес за основците и средношколците во услови кога поради КОВИД-19 редовната настава е во прекин.

Платформата е изработена и се организира преку соработка на министерствата за образование и наука и труд и социјална политика, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ.

Наставниците преку Е-учлницата добиваат алатки за поддршка на учењето од далечина за децата кои привремено не одат на училиште.  Од Канцеларијата на УНИЦЕФ посочуваат дека платформата  веќе била планирана да се пушти кон крајот на оваа година, но по затворањето на училиштата на 10 март, УНИЦЕФ и партнерите ги мобилизирале сите достапни ресурси за платформата веднаш да ја стават на располагање, додавајќи дополнителни функции, заедно со видеа на предавања од наставници.

Иако првично наменета за предучилишна возраст и ученици од основно училиште, опфатот на платформата сега е проширен на основно и средно образование. Материјалот што се поставува во моментов е фокусиран на материјалот што треба да се опфати до крајот на учебната година. Понудени се  видеолекции односно разработка не методски единици за сите одделенија и сите задолжителни предмети, кои траат 15-ина минути и се придружени со презентација, нарација и објаснување од наставник. 

-Нашите тимови деноноќно работеа во изминативе две недели за да изнајдат решенија со кои ќе се овозможи да не се наруши правото на образование на децата поради новововедената мерка за спречување на ширењето на корона вирусот во земјата. Степенот на солидарност кај сите што работат во образовниот сектор заедно со наставниците кои волонтираа за да ја поддржат иницијативата е доказ дека во време на криза луѓето се обединуваат, изјави Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава.

Повеќе од илјада наставници од целата земја одговориле на  повикот  на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ да волонтираат при снимањето наставни часови на сите наставни јазици, вклучувајќи македонски, албански, турски, босански и српски. Досега се добиени над 400 видеочасови и секојдневно се поставуваат на платформата.

 Министерот Арбер Адеми денеска на прес-конференција соопштувајќи за националната дигитална платформа за едукација соопшти дека е голем интересот за пријавување виделекции, тие се разгледуваат внимателно по содржини за тематски да не се повторуваат. 

– Имаме пријави за над 1000 лекции, а пристигнати се досега околу 400 лекции. Секако очекуваме бројката драстично да расте во следните денови, а во меѓувреме апелираме на трпеливост до целосно пополнување со содржини за сите одделенија и по сите предмети, рече Адеми, кој истакна дека очекува од утре платформата да биде достапна и да се применува од училиштата за онлајн-едукација на учениците.

Овој начин на образование додека трае кризниот период станува формален и од наученото ќе зависи исходот со кој секој ученик ќе ја заврши учебната година.

 Од УНИЦЕФ посочуваат дека првично платформата била замислена да служи како простор каде што наставниците, воспитувачите и родителите ќе најдат идеи за спроведување нови начини за учење преку игра и креативни алатки со кои се поттикнува социоемоционалниот развој на децата од 3 до 10 години.

Освен видеочасовите, на платформата Е-училница наскоро ќе бидат ставени на располагање сите планирани ресурси и функционалности, вклучувајќи наставни активности преку игра изработени од просветните работници низ повеќе континуирани краудсорсинг-настани.

Платформата ќе биде дел од ресурсите на Бирото за развој на образованието во поддршка на наставната програма и професионалниот развој на наставниците и по привременото затворање на училиштата.

Е-училница ја надополнува иницијатива за ТВ-училница што почна една недела по затворањето на училиштата и која се емитува на МРТ, како и другите алатки во кои спаѓаат разновидни дигитални платформи и апликации за учење дома кои МОН веќе ги препорача.

Е-училница е дел од иницијативата на УНИЦЕФ, финансирана од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада во Скопје, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а ја имплементира СмартАп-Лабораторија за социјални иновации. 

Треба да знаете
Последни објави