Search

Дигиталната кампања на СДСМ е поуспешна од таа на ВМРО-ДПМНЕ

Дигиталната кампања на СДСМ е поуспешна од таа на ВМРО-ДПМНЕ, потврдуваат  бројките што можат да се видат на социјалните медуми, кои наспроти скептицизмот дека вака може да се организираат избори, покажуваат дека пораките на двете најголеми партии стигнале до стотици илјади граѓани, анализира „Независен.мк.“

Иако во живо митинзите изгледаат како лидерите и кандидатите за пратеници да си се обраќаат сами на себе и дури изгледа неверојатно од каде наоѓаат инспирација за говорите, на социјалните медиуми сликата е сосема поинаква, што наметнува неколку дилеми – дали овој вид кампања може да биде урнек за натаму, бидејќи на класичните митинзи се трошат огромни пари, се поларизира нацијата и се блокира нормалното функционирање на економијата и на животот? Дали ваквите кампањи ги прават порамноправни партиите во трката, особено помалите, бидејќи делуваат поевтини и дали стигнаа до гласачите сите пораки, или само негативните?

Од прегледот на видеата за митинзите на СДСМ се гледа дека нивните видео обраќања биле значајно погледани од тие на ВМРО-ДПМНЕ, и додека одеа во живо, и подоцна како постови. Па така, митингот во Кочани го гледале дури 66.000 граѓани, во Струга 31.000, во Гостивар 20.000, во Чаир 28.000, во Центар 42.000, во Тетово 52.000 , централната прес-конференција на СДСМ во Штип дури 72.000, митингот во Крива Паланка 59.000, додека од спотовите и видео пораките рекорден број отворања, над 100.000, имаат тие за земјоделците и видеото со наслов „Мицкоски е главата на Поткуп“.

ВМРО-ДПМНЕ, делумно и поради лошо организираната фејсбук страница и таа на партијата, може да се носи само со гледаноста на спотовите, каде тој за „приказната за Зоран Заев“ и видео пораката по дуелот со Заев надмина 100.000, додека гледаноста на митинзите им е далеку поскромна од тие на СДСМ. Па така гледаноста на митингот во Велес им е 24.500, а најисоката од тоа што може да се види е до 40.000.

Според Предраг Арсовски, аналитичар, дигиталната кампања е многу важна на овие избори бидејќи најголем дел од луѓето не одат на митинзите, ниту пак партиите собираат многу  луѓе на нив и не шетаат од врата на врата како претходно.

„Видео кампањата е многу следена. Колку точно, сѐ уште не може да се утврди, бидејќи не може да се собере на едно место, но според некои податоци дури 70 отсто од граѓаните следат политика на социјалните мрежи. Така што дигиталната кампања е важна и не е за фрлање. Далеку е од тоа дека е залудно ова што кандидатите и лидерите си зборуваат сами и дека нивната порака не стигнува до гласачите“, вели Арсовски.

Тој сепак е скептик дека ова искуство може да го смени дефинитивно начинот на кој ќе се водат идните кампањи во Македонија.

„Жалам, ама не. Без оглед на тоа што партиите тврдат дека кампањата ја водат на онлајн медиуми, тие ги прават сите митинзи што ги правеа претходно, само без публика. Инаку не постои место каде што партиите не направија собир, иако тоа беше ограничено на помалку луѓе“, вели Арсовски.

Според него, партиите во моментов водат и теренска кампања, бидејќи во Македонија најголем дел од излезените гласачи се партиски определена база.

 

 

Треба да знаете
Последни објави