Search

Диаматарис: Не завршив постдипломските студии од финансиски причини

Бев дел од постдипломската програма на Универзитетот Колумбија, но за жал, финансиските причини не ми дозволија да се стекнам со диплома, изјави заменик-министер за надворешни работи на Грција, Андонис Диаматарис.

Неговата изјава уследи откако вчера од опозициската СИРИЗА, повикувајќи се на натписи објавени во печатот на грчката дијаспора во САД, кои „презентираат податоци што ја ставаат под сомнеж биографијата на Диаматарис” побара тој да даде објаснувања за неговите постдипломски студии, јави дописничката на МИА од Атина.

-Во мојата биографија наведувам дека студирав бизнис администрација (MBA) на Универзитетот Колумбија, бидејќи навистина присуствував на оваа постдипломска програма, но за жал, финансиските причини не ми дозволија да се стекнам со диплома, наведува Диаматарис во писмената изјава.

По одговорот од Диаматарис, реагираше портпаролот на СИРИЗА, Алексис Харицис, кој рече дека „прашањето е едноставно, дали Мицотакис уште ќе чека за да го смени заменикот министер”.

Како што вчера објави МИА, од СИРИЗА преку соопштение коментираа дека на официјалниот сајт на МНР, „Диаматарис изјавува дека поседува магистерско звање од Универзитетот Колумбија, а објавите во медиумите, повикувајќи се на податоци од самиот Универзитет, споменуваат дека никогаш не завршил, туку едноставно се запишал на конкретната програма”.

Заменикот министер за надворешни работи на Грција, Андонис Диаматарис кој е надлежен за грчката дијаспора е издавач на грчкиот весник во САД „Етникос кирикс”.

Треба да знаете
Последни објави