Search

ДЗС со два авиона интервенира на пожарот кај Каласлари

Поради интензивирање на пожарот кој од вчера избувна во велешкото село Каласлари, Дирекцијата за заштита и спасување и денеска е активна и интервенира со два авиона.

Од ДЗС информираат дека досега се извршени шест интервенции и се исфрлени 30 тони вода.

Станува збор за пожар од поголеми размери при што е зафатена шума црн бор. Пожарот денеска е локализиран и изгасната е површина од 60 хектари.

Од ДЗС потенцираат дека, ова е навистина ран период за справување со пожари, знаејќи го фактот дека допрва следува летото, кога пожарите избувнуваат најчесто поради топлото време.

–      Околу 90 отсто од пожарите во Скопје се предизвикани од човечки фактор. Има дел несовесни граѓани што палат стрништа и трева, но работата може да излезе надвор од контрола, особено кога има ветровито време. Организирани групи, смислено ги опожаруваат шумите и ливадите за да дојдат до евтино огревно дрво, кое подоцна двојно поскапо го продаваат, или пак за да дојдат до нови пасишта за својот добиток, се наведува во соопштението од ДЗС.

Потенцираат дека покрај одговорноста на инспекциските и земските служби, одговорно треба да се однесуваат и граѓаните, бидејќи, како што се наведува во соопштението од ДЗС, покрај опасноста од човечки жртви, постои опасност за уништување и на животната средина која е важна за секој еден поединец.

Треба да знаете
Последни објави