Search

Дејан Митровски – Урко добитник на награда ,,13 Ноември

Дејан Митровски – Урко добитник на награда ,,13 Ноември

Дејан Митровски – Урко, кој долги години беше шеф на обезбедувањето на експремиерот Никола Груевски, ја доби наградата за најдобар тренер во избор на Сојузот на спортови на Скопје по повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето. Признанието му беше доделено денеска на свеченост во СЦ „Борис Трајковски“.

Согласно со критериумите за наградата „13 Ноември“, која ја доделува Сојузот на спортови на Скопје, признанија добија најзаслужните спортисти, тренери, екипи и спортски работници во Скопје.

Кикбоксерот Бобан Илиоски од „Шампион“ е најдобриот спортист на Скопје, кој признанието го заслужи со две први места на европските купови и едно второ место на светски куп. Дејан Митровски од „Шампион“ е најдобар тренер, како резултат на неговата работа со Илиоски и Викторија Варадинова.

РК „Вардар“ е најдобар клуб на Скопје, а Кочо Димитровски, Борче Брсаковски и Венислав Недев ја добија наградата за животно дело. Најдобар професор по Физичко е Мартин Мартиновски од ООУ „Партение Зографски“. Зоран Поповски е најдобар спортски судија, Ласте Димитриевски од Нова Македонија е најдобар спортски новинар, Перица Крстевски, Никола Тасев, Гордана Николовска се најдобри спортски работници и Дарко Каевски, директорот на Агенција за млади и спорт, е најдобар општествено спортски работник/функционер.

Градот Скопје преку соопштение се огради од доделувањето на наградите за спортисти „13 Ноември“ од Сојузот на спортови на Скопје.

,,Сакаме да ја информираме јавноста дека овие награди не ги доделува Градот Скопје и истите не се дел од манифестациите што ги организира Градот по повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето.Овие награди ги доделува Здружението на граѓани „Сојуз на спортови на Скопје’, и истата не претставува официјална награда на Град Скопје.Во рамки на одбележувањето на Денот на ослободувањето, вечерва на свечена церемонија градоначалникот Шилегов ќе ги додели наградите ’13 Ноември’ на Град Скопје, кои веќе официјално беа објавени од Комисијата за доделување на оваа награда, меѓу кои има и награда за достигнувања во областа на спортот”, се вели во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави