Search

Децата во Австралија од мали учат дека Грета Тунберг треба да им биде пример

Австралиските училишта ги учат децата уште на осум години дека Грета Тунберг треба да биде нивниот пример за климатските промени.

Планови за предавања кои им налагаат на учениците од основните училишта да учат од климатската активистка и да ја шират нејзината порака, се пронајдени на веб-страницата на Министерството за образование на Нов Јужен Велс, пренесува „Дејли телеграф“.

Неодобрениот материјал на официјалната веб-страница бил наменет за учениците од 3-то до 5-то одделение. Наставниот план на веб-страницата ги насочувал учениците да го учат говорот на Тунберг, да ги испитаат неговите техники и потоа да одлучат што треба да се промени.

Плановите стоеле на веб-страницата цели девет месеци пред да бидат отстранети минатата недела. Откритието предизвика брза критика од истражувачот за образование, Кевин Донели, кој го нарече материјалот „индоктринација“.

„Голем срам е што образованието веќе не е непристрасно или објективно… тука станува збор за индоктринирање на учениците“, рече тој за „Дејли телеграф“.

Премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Берејклијан, беше прашана во понеделникот наутро како неодобрениот материјал останал на веб-страницата толку долго.

„Не знаев за тоа, но многу ми олесна бидејќи сега е отстранет“, рече таа.

Министерството за образование на Нов Јужен Велс ги отстрани плановите за предавања од својата веб-страница и почна итна истрага за тоа како дошле таму. Министерката за образование, Сара Мичел, рече дека планот за предавање бил на интерна страница.

„Овие планови за предавања не беа на веб-страницата на Министерството за образование. Но, не беа одобрени и затоа се отстранети. Ќе бидат разгледани, што мислам дека е соодветно, и побарав да се ажурираат, а тој процес е во тек “, рече таа.

Тунберг (17) претходно ги охрабри учениците да избегаат од училиште и да им се приклучат на протестите, барајќи побрза акција за климатските промени. Илјадници австралиски ученици го прифатија тоа охрабрување минатиот септември, придружувајќи се на глобалниот ден на дејствување предводен од Тунберг.

Училишниот систем во Нов Јужен Велс беше остро критикуван минатата година за време на т.н. Климатски протест зашто им дозволил на климатските активисти да индоктринираат мали деца. Илјадници ученици не беа на часови за да учествуваат на уличните протести.

Во февруари минатата година, поранешниот министер за образование на Нов Јужен Велс, Роб Стокс, ги предупреди учениците и наставниците дека ќе бидат казнети ако не одат на настава за да се приклучат на климатските протести.

„Учениците треба да бидат на училиште во училишните денови, “, рече тој во тоа време.

Грета Тунберг набрзо му одговори, велејќи дека на нејзините следбеници не им е гајле.

„Добро. Ве слушнавме. И не ни е гајле. Вашата изјава припаѓа во музеј “, објави Тунберг на Твитер профилот.

Треба да знаете
Последни објави