Search

Детали за полициската акција во 24 градови: Кривични за 36 дилери на дрога

Во координирана полициска акција на 54 локации во 24 градови пронајдени и одземени поголеми количества дрога и оружје

На 20.09.2019 година, од страна на Бирото за јавна безбедност – Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за криминалистичка полиција, Секторите за внатрешни работи во соработка со Одделот за специјални полициски операции и во координација со Основните јавни обвинителства, беше спроведена беше координирана полициска акција во насока на спречување на кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога на територијата на Република Северна Македонија.

Недозволената трговија со дрога во сите нејзини појавни облици и последици кои произлегуваат од неа, има влијание на зголемување на бројот на други кривични дела (кражби, разбојништва, насилство, проституција и сл.) и негативно влијае во сферата на социјалното живеење, оттуѓување од семејството, училиштето и заедницата во целост.

Токму поради ова, борбата против недозволената трговија со дрога и особено борбата против уличното дилерство беа поставени меѓу главните стратешки приоритети на МВР на Република Северна Македонија за 2019 година.

Целта на вака спроведената акција беше задавање на сериозен удар на овој вид на криминал, кој предизвикува штетни импликации, особено кај младата популација имајќи предвид дека најчесто цел на уличните дилери се ученици, студенти, а има и негативно влијание на целокупното општество.

Тргнувајќи од спроведените проценки за закана од улично дилерство за дрога, изминатите два месеца во рамки на Единицата за сериозен криминал, при Секторот за криминалистички истраги активно се спроведуваше криминалистичко истражување, чија цел беше сузбивање на оваа закана, односно идентификување на лица и обезбедување докази против лица кои подолг временски период се инволвирани во секојдневна продажба на дрога на домашниот нарко пазар. Лицата опфатени во криминалистичкото истражувањето најчесто беа со сличен модус на работа (набавка, пакување и препродажба), во вршењето на кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ предвидено и казниво по чл. 215 став од Кривичниот законик.

Имено, по претходно изготвен план за преземање на конкретни мерки и активности, со наредби од судија на претходна постапка, на 20.09.2019 година, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за специјални полициски операции, во координација и заеднички со сите осум СВР-а, беа реализирани симултани претреси во вкупно 24 градови (Скопје, Куманово, Кратово, Велес, Свети Николе, Македонска Каменица, Штип, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Пробиштип, Кочани, Виница, Делчево, Неготино, Кавадарци, Битола, Прилеп, Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Дебар и Кичево), на вкупно 54 локации.

 

Во текот на вчерашниот ден пронајдените и одземени количини на наркотична дрога и пронајдено оружје, се предадени во ОКТИВ заради криминалистичко – технички испитувања и вештачења.

Од досега спроведените мерки и активности на МВР за борба против улично дилерство во рамките на криминалистичкото истражување, изминативе два месеца запленети се вкупно: околу 22 кг.марихуана, 545 стебла од марихуана, семки од канабис, кокаин, 1.880 мл.метадон, околу 200 парчиња таблети (МДМА и екстази), амфетамини, хероин и хашишово масло. Покрај ова одзмени се и три пиштоли, една ловна пушка, една рачна бомба-кашикара, 56 куршуми различен калибар, по четири ваги и дробилки, како и седум патнички моторни возила и еден мотоцикл.

Вкупно се поднесени 30 кривични пријави, против 36 лица, од кои за 18 е одредена мерка притвор и една мерка претпазливост, а за едно лице е распишан и централен распис.

Од поднесените кривични пријави, 26 се за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл.215 од КЗ на РМ и четири за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по чл.396 од КЗ на РМ.

Активностите на МВР во борбата против уличното дилерство, продолжуваат и во иднина,  со поголем интензитет и зајакнати мерки.

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави