Search

Деспотовски: Голем интерес кај стартап компаниите за финансиска поддршка од ФИТР

Во Фондот за иновации и технолошки развој беа презентирани првичните резултати по завршената административна проверка на пристигнати апликации на јавниот повик за инструментот Ко-финансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ – СтартАПувај, финансиран од ФИТР и Светска Банка.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски потенцираше дека интересот за аплицирање е голем, особено кај младите луѓе. Според податоците, на повикот аплицирале 186 компании, а побарани се пет пати повеќе средства од предвидениот буџет за инструментот кој изнесува еден милион денари.

Деспотовски нагласи дека позитивно е тоа што 91 отсто од компаниите за првпат учествуваат на јавен повик организиран од страна на Фондот, како и тоа дека дури две-третини од компаниите што аплицирале не се постари од една година, а повеќе од 50 проценти од нив се основани по објавата на јавниот повик.

„Она што особено не охрабрува е што сме успеале во намерата да ги поттикнеме младите да размислуваат покрај работа во јавен сектор или да си заминат од државата, да останат овде, да отворат свој бизнис и да аплицираат за поддршка во Фондот. Тоа ни беше и основната цел со овој повик“, истакна Деспотовски.

Најголем број предлог проекти се во ИТ индустријата, но застапени се и 20 други сектори како земјоделие, автомобилската индустрија, транспорт, економија, маркетинг и медицина. Исто така компаниите предвидуваат отворање на 409 нови работни места со просечна плата од над 30,000 денари.

Според Деспотовски дополнителен позитивен показател е податокот дека со овој повик се поттикнува женското претприемништво во земјава, односно дури 35 проценти од компаниите апликанти имаат жена управител или член на сопственичката структура.

„ Ова се показатели кои говорат дека сме успеале да ја придвижиме македонската стартап заедница и полека да ја менуваме свеста во земјава, особено кај младите, дека можат да креираат успешни бизнис приказни дома,“ заклучи Деспотовски.

Во тек е процесот на предселекција од страна на надворешни експерти. Се очекува целиот процес за биде заокружен за еден месец.

Треба да знаете
Последни објави