Search

Депонијата во Мичурин се претвора во парк

Градоначалниците на Град Скопје и на општините Аеродром и Центар, Петре Шилегов, Златко Марин и Саша Богдановиќ, денеска направија увид во расчистувањето на депонијата во Мичурин и нејзино претворање во парк.

„Се наоѓаме на локација што повеќе од 20 години беше дива депонија и место што претходно никој не го средил. Станува збор за површина од над 6.000 квадратни метри, и преку ЈП „Улици и патишта“ во изминатиов период ја исчистивме и исфрливме повеќе од 15.000 кубни метри смет“, изјави градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека на овој јавен простор треба да никне мал парк и детско игралиште, каде што ќе можат да го поминуваат своето слободно време.

Градоначалникот Марин најави дека покрај овој парк, пролетва во Општина Аеродром ќе се изградат уште четири нови парка, и тоа два во Стар Аеродром со вкупна површина од 7 500 квадратни метри, еден покрај булеварот „Трета македонска бригада“ со површина од 2 500 квадратни метри и уште еден во Мичурин со површина од 3 500.

„Со изградбата на новите паркови Општина Аеродром ќе им подари на граѓаните нови зелени катчиња за рекреација и ќе ги облагороди запуштените простори“, изјави градоначалникот Марин.

И градоначалникот Богдановиќ ја поздрави иницијативата да се преуреди ова запуштено место во Мичурин, кое беше огромна дива депонија повеќе од 20 години и која сега „конечно ќе се претвори во убаво катче на место што со години претставувало лоша слика за нашите општини и за градот Скопје“.

Треба да знаете
Последни објави