Search

Ден на правосудство: Правдата треба да биде видлива, a не само про форма изречена

Правдата треба да биде видлива,  a не само про форма изречена. Тоа е она што недостасува. Судиите во земјата се соочуваат со сериозни предизвици, но мора да истраат и да покажат дека имаат капацитет и одговорност да ја зајакнат судската независност и непристрасност.

Ова го изјавија дел од учесниците на регионалната конференција „На патот кон европското судство: Предуслови и предизвици”, што се одржува денеска и утре во Скопје по повод Денот на правосудството во организација на Здружението на судиите со поддршка на Мисијата на ОБСЕ.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Мирјана Лазарова – Трајковска не гледа големи поместувања во судството во Републикава, додавајќи дека во овие две години работите повеќе се сведуваат на измени и дополнувања на закони.

-Во принцип реформи на судство се детектираат преку одлуките и постапувањето на судот и не се видливи како што се очекува. Судството допрва треба да го покаже фидбекот на она што се очекува во услови на претпристапни договори со Европската комисија, рече таа.

Посочи дека ги следи одлуките на Европскиот суд за човекови права кои во принцип даваат анализа за сликата на судството во земјите членки на Конвенцијата и, како што додаде, бидејќи Македонија е членка на Советот на Европа, а тоа е прозор или врата кон ЕУ и Европската комисија поаѓа од одлуките што се поврзани со земјата која се појавува како кандидат.

-Во одлуките од изминатите години очигледни се проблеми во однос на непостапувањето според принципите на правично судење. Ние се уште имаме проблеми со необразложени судски одлуки, со нееднаков пристап на страните во постапката, најчесто се дава приоритет на обвинителството виза ви другите страни или во делот на гаранциите поврзани со одбраната, долгите и неефективни судења и тоа од аспект на неправично судење, рече Лазарова -Трајковска.

Се уште, како што рече таа, имаме проблем со многу честото посегнување по притворот, наместо да се применуваат други мерки за заштита и гаранции.

-Меѓутоа работите се многу подлабоки, затоа што Македонија во последните години има  и пресуди што се поврзани со права што се апсолутни, како што е правото на забрана од тортура, нехумано постапување, мачење, правото на живот…, рече судијката Лазарова-Трајковска.

Во врска со извештајот на Народниот правобранител каде е нотирано дека граѓаните најмалу доверба имаат во судството, Лазарова Трајковска рече дека тоа е очекувано, затоа што во измнинатите години делумно по своја вина, делумно по некои постапки кои ги покрена извршната власт и законодавецот судството беше ставеново положба да го трпи спроведувањето на правдата.

-Правдата треба да биде видлива.Правдата не треба да биде само проформа изречена. Тоа е она што недостасува. Во изминатите години ние некако го живеевме времето на неказнивост и тоа кај граѓаните создава мачнина. Мислам дека на судството допрва му претстои битка на освојување на просторот на градење на интегритет и враќање на достоинството, истакна Лазарова – Трајковска.

Судијата на Врховниот суд и претседател на Здружението на судиите Џемали Саити пак рече дека е констатиран напредок во нашиот правосуден систем но, како што посочи остануваат горливите прашања  во однос на тоа дали навистина и колку има политичкото влијание врз работењето на судовите.

-Сметам дека тој напредок е постигнат и се нотира и во извештајот на Стејт департментот и во Извештајот за напредокот на Северна Република Македонија, но останува да се анализираат и „лошите” делови на тие извештаи, рече Саити.

-Политичкиот контекст во кој се најде судството, само ги потврдува нашите реални потреби и се надевам дека овој тренд ќе биде потиснат од стандардизиран и универзално прифатлив правен систем креиран низ нашиот пат кон полноправно членство во евроатлантските структури, особено имајќи ги предвид обврските кои произлегуваат од Поглавјето 23, рече Саити.

И тој се согласи дека има проблем со довербата во судството и оти Здружението на судиите пристапило кон креирање активности и тела за осознавање на реалната перцепција за довербата во судството.

-Судиите во земјата се соочуваат со сериозни предизвици, но мора да истраат и да покажат дека имаат капацитет и одговорност да ја зајакнат судската независност и непристрасност, рече Џефри Голдстајн, заменик-шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во сите учебници за лидерство, како што посочи Голдстајн, пишува дека добрите лидери се водат од примери, и многу е важно судиите да водат во праксата за спроведување на меѓународните правосудни стандарди.

Шеесетина судии од Северна Македонија, Хрватска, Црна Гора, Полска, Србија и Словенија денеска на конференцијата дискутираат за предусловите и предизвиците со кои земјите од Западен Балкан се соочуваат на патот кон примена на европските судски стандарди во нивните земји.

Според агендата конференцијата продолжува утре со излагања на тема „Инклузивноста на судиите во решавање на статусните прашања и можности за нејзино зголемување-компаративни искуства”, по што ќе се одржи и Свечена академија по повод Денот на правосудството на која најавено е обраќање на министерката за правда Рената Дескоска.

Треба да знаете
Последни објави