Search

Ден на волонтерството

волонтерствоСо организирање конференција за волонтерство под слоганот „Волонтерите градат стабилни заедници” Црвениот крст на Република Македонија ќе го одбележи 5 Декември – Светскиот ден на волонтерството .

-Волонтерите и волонтерството во секоја држава претставуваат огромен човечки потенцијал кој континуирано се мобилизира согласно потребите и поседува релевантно знаење и вештини корисни за заедницата. Вредноста кои тие ја создаваат и вградуваат во своите активности е „бесценета”, бидејќи поседува особен квалитет кој е збогатен со хуманата димензија на добрата волја, велат од Црвениот крст на Република Македонија.

Волонтерството се заснова на принципот на доброволност, дејствување во корист на други лица без финансиски надомест. Како начин на дејствување има општествена и индивидуална полза. Волонтерството помага при градењето кохезивни (сплотени / тесноповрзани) заедници, при што се создава поголема доверба меѓу граѓаните и развива норми на солидарност и реципроцитет, кои се неопходни за една стабилна заедница.

Од друга страна пак, преку волонтирање, по завршување на образованието на една индивидуа се отвора можност за запознавање нови луѓе, интензивна комуникација и создавање на активен пристап кон животот. Волонтерството како модел на функционирање во рамки на општеството создава национална солидарност и во време на неповолни услови каде попросперитетните групи најчесто се жртвуваат за доброто на оние кои имаат потреба.

Црвениот крст на РМ како лидер во граѓанскиот сектор во однос на поседување на волонтерски капацитети во континуитет работи на унапредување на менаџментот со волонтери, стремејќи се кон почитување на правата и обврските на секој волонтер. Со над 10.500 членови и 7.500 активни волонтери, настојува да биде секогаш онаму каде што е најпотребно и тоа го докажа за време на поголемите предизвици и вонредни состојби со кои се соочи нашата земја во изминатите години особено за време на поплавите, екстремните температури и мигрантската криза која се уште трае на северната и јужната граница.

Само во изминатата година, посочуваат од Црвениот крст, асистирани беа 19.474 лица во случај на катастрофи, 6792 лица опфатени во програмите за намалување на ризици од катастрофи, 170 лица згрижени во време на екстремни температури, 50.217 лица опфатени во здравствено превентивни програми, 17.658 оспособени лица за укажување на прва помош, 7.559 лица опфатени во програмите за социјална инклузија, ненасилство и мир, над 10.000 поддржани семејства во социјален ризик (поддршка во храна, средства за хигиена, облека итн.), асистирани 15 968 мигранти, собрани 55 .537 единици крв и спроведени уште многу други локални и регионални проектни и програмски активности за поддршка на најранливите.

Треба да знаете
Последни објави