Search

Денови на финансиската писменост – финансиската едукација е јавен интерес

Финансиската писменост е јавен интерес, бидејќи индивидуалните и лични финансиски одлуки, влијаат на целокупниот економски раст и развој – заклучија првите луѓе на финансиските регулаторни тела, кои се дел од Координативното тело за финансиска писменост во коешто учествуваат Народна банка, Министерство за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). На настанот со којшто се најавија Деновите за финансиска писменост, коишто ќе траат до 26 ноември и за првпат се одржуваат виртуелно, се обратија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на КХВ, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али и претседателот на советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски.

Гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска, меѓу другото посочи дека во основа, најновата анкета на ОЕЦД за Југоисточка Европа, јасно укажува на позитивни поместувања од аспект на финансиската писменост во целиот регион, вклучително и кај нас, но истовремено ја нагласува и потребата од натамошни постојани напори на регулаторите во ова сфера. Нивото на финансиската писменост на возрасното население кај нас изнесува 56% од максимумот, што е блиску до просекот во Југоисточна Европа од 57%, но е пониско од постигнатите резултати на земјите од ЕУ и ОЕЦД, од 64% и 65%, соодветно, што упатува на птореба и од натамошни активности.

Активностите што ќе се спроведат во текот во Деновите на финансиската писменост се само дел од низата активности коишто ќе следат во претстојниот период. Овде пред сѐ би посочила на активностите за подготовка на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто наскоро би била завршена. Сето она што го предвидовме во неа се заснова врз најдобрите меѓународни практики во сферата на финансиската едукација зашто: „Едукацијата е пасош за иднината, бидејќи иднината им припаѓа на оние коишто денес се подготвуваат за неа”.” – истакна гувернерката.

Министерот за финансии посочи дека технологијата нуди нови можности и дека граѓаните треба да се информираат, да ги следат трендовите за сопствено, но и општо добро. Тој најави дека следниот месец ќе има јавна расправа за законот за платни системи со кој се предвидуваат нови решенија и финтек можности и услуги кои се нудат на глобално ниво и за нашите граѓани.

Финансиската писменост не е само лично добро, тоа е јавен интерес. Кога повеќе луѓе знаат подобро да ги вреднуваат економските работи и да донесат поисправни финансиски одлуки од тоа имаат корист сите, бидејќи тогаш имаме помала веројатност за финансиски кризи, имаме поголема веројатност за стабилни инвестиции за стабилен раст. Затоа е важна финансиската писменост, не само заради лична добит, туку заради општиот интерес.” – рече Бесими.

Нора Алити, претседателка на КХВ посочи дека финансиската едукација станува сѐпосуштинска, не само заради секојдневните финансиски потреби, туку затоа што влијае и на економскиот раст, финансиската стабилност, растот на индивидуалната благосостојба и на што е можно пошироката финансиска инклузивност на граѓаните.

Инвестирањето во финансиската едукација е инвестирање во иднината. Оваа година, Комисијата за хартии од вредност со цел одбележување на деновите на финансиската едукација ќе објави една нова едукативна брошура со наслов “Инвестирај мудро, управувај паметно”, на македонски, албански и англиски јазик, заедно со неколку анимирани видеа, кои ги третираат поимот за хартии од вредност, тргувањето со финансиски инструменти и заштита при инвестирање на пазарот на капитал.” – рече Алити.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата засупервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, Максуд Али, истакна дека здравствената криза и во капитално финансирано пензиско осигурување предизвика прилагодување на ресурсите на развој на дигитално поврзување помеѓу институциите и развој на алатки како апликации за членувањето во пензиските фондови и следење на индивидуалните сметки на самите членови. Почитувајќи го ставот дека процесот на едукација и информирање на членовите за финансискиот и пензискиот систем е континуиран процес, како и минатите години, Агенцијата во текот на целата 2020 година спроведува активности некои со Координациското тело за финансиска писменост и финансиска инклузија, некои со пензиските друштва, а некои и индивидуално.

Али, исто така истакна дека, Агенцијата како регулатор и супервизор посветено ќе продолжи и во иднина постојано да работи кон промоција на пензискиот систем и финансиската писменост и инклузија за развивање на свеста на јавноста. Исто така, ќе продолжи да соработува со институциите вклучени во пензиското осигурување и релевантните институции од финансиската област во насока на остварување на својата мисија да ги заштити интересите на членовите на пензиските фондови и да го поттикне развојот на капитално финансираното пензиско осигурување заради посигурни пензионерски денови.

Претсдеталот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски посочи дека во контекст на финансиската едукација Агенцијата поизразито ќе се отвори кон граѓаните.

Зголемувањето на транспарентноста е најдобар одговор кон предизвиците пред кои сме исправени. Нема поголема едукација од фактот да расте довербата на осигурениците во осигурителниот сектор. Нема поголема едукација од зголемување на изборот на осигурителни полиси кои ќе им стојат на располагање на корисниците и промовирање на истите. Основната функција на полисите е заштита на сигурноста на животот и имотот, но осигурувањето има функција и мобилизација на слободните финансиски средства, нивна капитализација и оплодување.” – рече Шајноски.

Во текот на Деновите на финансиската писменост, финансиските регулатори организираат бројни активности, за коишто јавноста ја известуваат и преку своите веб-страници и преку официјалните страници на социјалните мрежи.

Треба да знаете
Последни објави