Search

Денеска последна критична маса за 2018- „На точак“ од јануари со нови борби за велосипедистите

Изминатите, речиси 12 месеци „На точак“ освен што иницираше и организациски поддржа 11 критични маси и 12-та во најава, во април предложи измени на закони и правилници за урбанистичко планирање, ги координираше и промовираше Winter Bike To Work Day настаните во февруари, детската критична маса со ветерница во ноември, а во мај заедно со НУБ „Св. Климент Охридски“ организираше изложба на 73 постери од критична маса, истакнуваат од ова неформално здружение за урбан велосипедизам правејќи рекапитулација на 2018 година.

Меѓу другите активности спроведени годинава ги издвојуваат: анкета за украдени точаци во месец февруари, анализа на полициски извештаи за судири во кои биле вклучени велосипедисти со реакција до МВР, реакција на несоодветно реконструирани улици и паркирани автомобили, барање за безбедни зони околу школите и вистински Ден без автомобили, а потсетуваат и дека во 2018 за првпат се појавила иницијатива од страна на студенти за креирање платформа за регистрирање на велосипеди – Велорегистар.

 

„На  точак“ потсетува дека критична маса во Скопје почна пред шест и пол години како барање да бидат слушнати и видени граѓаните кои го користат точакот како превозно средство.

„Она што започна како протест против лошите услови за движење со точак низ градот, прерасна во глас за безбедноста на сите учесници во сообраќајот, во идеја и борба за ремоделирање на Скопје да стане поубав, плански град во кој ќе се донесуваат не брзи и неодржливи одлуки на долгогодишни проблеми, туку смислени, системски решенија за град каков што посакуваме сите, град за луѓе“, се наведува во соопштението.

„На точак“ потенцира дека изминатите шест и пол години скопските велосипедисти извозеле 79 критични маси, континуирано, без исклучок, секоја последна среда во месецот. Констатираат дека со сите преземени мерки и активности во моментов велосипедскиот сообраќај е валидиран како таков од институциите и започнат е процес на обезбедување минимални услови, но конечната цел за безбеден и удобен вело-пријателски град се остварува со многу бавно темпо.

https://www.facebook.com/NaTochak/photos/a.622867901114359/1975093595891776/?type=3&__xts__%5B0%5D=68.ARDCBZ7wd468UBzl_WDhHu2OxJIER0bgmaKfJIR3zBiMKWOZ24Gkyl0OhnZ2HqC9tZlm96FulpuM5s1_PvBhSgqUthnu10F8vXC2itWT3BpUoukHLSLQfeilxB5KkNaMzXO6WWdEZ08fuU9e3mYX5NzijcN3a_WdxoBcdk-tbVTm1YA-HzjyULbHR8g7YXrkPKk1Gwr5jJShqjFlW9nf_mxfkAWir8MRx9cLyfirVK5zTsQ0j4AUbArTiCQXgwsk4frDruM3H03rY4pofVDqZhTLplHrCPz1-0zVY9WAmonvWjYJBN6xLuYHSOvs5e3EcUJFvkF7-UczNq-n_lPOCXAgDQ&__tn__=-R

„Поради тоа, ‘На точак’ во наредната година ќе ги фокусира силите на посериозно учество во политиките кои ги носат сите релевантни институции за велосипедската инфраструктура, градењето и планирањето, безбедноста во сообраќајот, вклучувајќи ги и силите кои досега беа резервирани за организациски поддршка на критична маса. ‘На точак’ ќе критикува, ќе прави притисок, ќе инсистира, ќе предлага и нуди решенија за Скопје што побрзо, без одложувања да стане велоград“, се вели во соопштението.

Од неформалното здружение за урбан велосипедизам ги повикуваат сите љубители на велосипедите и еколошките начини на мобилност денеска (среда, 26 декември) заеднички да ја испратат 2018, со почеток од 17:30 часот од плоштад Македонија, со 12-тото возење на критична маса оваа година и 80. јубилејно откако критична маса почна во Скопје.

По возењето, најавено е заедничко дружење во СЦ „Дуња“ со греено вино и чај, каде, како што се вели, учесниците ќе најават нови, интензивни борби на нови фронтови за 2019 година.

Треба да знаете
Последни објави