Search

Дендиас: Хафтар се согласи со сите забелешки на Грција

Генералот Хафтар се согласи со сите забелешки на Грција, рече министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас по средбата со лидерот на Либиската национална армија Халифа Хафтар во грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас истакна дека меѓу грчките забелешки е и потребата да се „признае невалидноста на нелегалните меморандуми меѓу Турција и владата на Сараџ”.

– Ние од наша страна го охрабривме Генералот со конструктивен дух да учествува во Берлинскиот процес и да се обиде, во рамката на договорите, да постигне прекин на огнот и обнова на безбедноста во Либија, отстранување на платените војници и признавање на невалидноста на нелегалните меморандуми меѓу Турција и владата на Сараџ. Со особено задоволство, морам да ви кажам дека Генералот Хафтар се согласи со сите горенаведени наши забелешки, рече Дендиас.

Шефот на грчката дипломатија истакна дека Грција сака Либија да биде современа демократска земја и се подготвени да помогнат или со учество во силите што ќе бидат потребни за да постои примирје или со учеството на грчки сили во европската операција за ембарго за оружје.

Посетата на Хафтар на Атина и средбите со Дендиас и Мицотакис се на два дена пред конференцијата во Берлин за ситуацијата во Либија, на која Грција не е поканета.

– Од моментот кога ние нема да бидеме таму, очекуваме од Германија, од земјата домаќин да биде чувар на европската позиција за прашањата поврзани со Либија, додаде Дендиас по средбата со лидерот на Либиската национална армија.

По разговорите во грчкото МНР, што траеја околу 90 минути, Хафтар оствари средба со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис.

Треба да знаете
Последни објави