Search

Дендиас: Грција ја поддржува европската перспектива на соседите под услов да се исполнат критериумите

Проширувањето на ЕУ и европската перспектива на земјите од Западен Балкан била една од темите за кои разговарале министрите за надворешни работи на Германија и Грција, Хајко Мас и Никос Дендиас на нивната денешна средба во Берлин, jави дописничката на МИА од Атина.

-Разговаравме и за прашањето за проширување на ЕУ со Западен Балкан. Мојата земја, најстарата земја- членка на ЕУ во Југоисточна Европа, отсекогаш ја поддржуваше европската перспектива на нашите соседи, се разбира под предусловот од кој нема отстапување, да се исполнат критериумите и условеноста- правилата, кои секако, важеа и важат за сите нас, рече Дендиас и додаде дека на неговиот германски колега му ја истакнал волјата на Грција да продолжи да игра улога на „столб на стабилноста и соработката во поширокиот регион”.

На средбата на двајцата шефови на дипломатиите, според Дендиас, станало збор и за напуштањето на Велика Британија на унијата, за германско грчките односи и за продлабочување на билатералната соработка, но и за бегалското прашање.

Министерот за надворешни работи на Грција рече дека брановите бегалци и мигранти „повторно зазедоа многу алармантни размери”.

-Особено го цениме конструктивниот став на Германија за ова прашање. Нашите ставови се совпаѓаат дека станува збора за глобален феномен и дека е потребен пристап во целина, како за причините, така и за последиците. И, се разбира, потребна е солидарност за оние држави кои се во првите редови на проблемот. Особено би сакал да ја истакнам важноста на целосното спроведување на Заедничката декларација ЕУ- Турција од март 2016 година, истакна шефот на грчката дипломатија.

Во однос на Турција, Дендиас рече дека и покрај јасните пораки од ЕУ, Анкара „продолжува грубо да го крши меѓународното право, суверенитетот и суверените права на Република Кипар”

Треба да знаете
Последни објави