Search

Дендиас бара свикување на Постојаниот совет на ОБСЕ за тензиите во Нагорно-Карабах

Преку писмо упатено до албанското претседателство на ОБСЕ, шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас бара вонредно свикување на Постојаниот совет на Организацијата за да се разгледаат тензиите во Нагорно-Карабах, јави дописничката на МИА од Атина.

-Писмото е поврзано со подготвеноста на Грција да придонесе во напорите за итно де-ескалирање на кризата, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција и додаваат дека целта на грчката иницијатива е одржување разговори со учество на двете инволвирани страни, разгледување на секој можен начин за де-ескалација на кризата и одново отпочнување на преговорите во рамките на Минск групата за мирно решавање на разликите.

Паралелно велат дека ескалацијата на тензиите има сериозни последици врз регионалната стабилност, „став што беше потенциран од министерот за надворешни работи за време на средбата со американскиот државен секретар Помпео”.

-Грција е убедена дека решавањето на кризата е можно само со мирни средства, преку преговори, а не со оружје. Грција не одобрува било каква интервенција на трети што поттикнува тензија. Во овој контекст, Турција мора да се воздржи од активности и изјави што се движат во оваа насока, соопштуваат од грчкото МНР.

Додаваат дека подготвеноста на Грција да придонесе во смирување на тензиите, ја изразил Дендиас и за време на неодамнешниот телефонски разговор со неговиот ерменски колега Зохраб Мнатсаканијан, утре двајцата министри одново ќе разговараат преку видеоконференција, а наскоро е планирана посета на Ерменија на шефот на грчката дипломатија.

Треба да знаете
Последни објави