Search

Демонстранти со вили протестираа пред имотите на богатите на Хемптонс

Караван од демонстранти, од кои дел со вили во рацете, протестираа во средата на Хемптонс за да ги критикуваат богатите и да ја осудат нееднаквоста на приходите во нацијата, пренесува „Пејџ сикс“.

Повеќе од 100 возачи и околу 200 пешаци ги посетија домовите на дел од најбогатите луѓе во светот, вклучувајќи го и поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајк Блумберг.

„Оданочете ги богатите, а не сиромашните!“, извикуваа демонстрантите пред палатата на Блумберг вредна 20 милиони американски долари во Саутхемптон, а некои го нарекоа неуспешниот претседателски кандидат „ограбувач“.

Демонстрантите, од кои дел дојдоа од Њујорк, побараа од њујоршкиот гувернер Ендрју Куомо да ги зголеми даноците на 118 милијардери за државата да надомести за големиот пад на приходите, во екот на пандемијата на коронавирус.

Групата ја осуди идејата на Куомо да намали 20 отсто од државните средства наменети за училиштата, болниците и за агенциите за домување. Тие посочија дека иако избувнувањето на пандемијата има големо влијание врз сиромашните заедници, богатството на американските милијардери се зголемило.

„Што е многу, многу е – време е државата Њујорк да ги зголеми даноците на богатите наместо да ги скратува услугите за работните луѓе“, рече Алис Нашименто, директор за политика и истражување во њујоршката Заедница за промени, која помогна да се организира акцијата.

Организаторите ја вклучија и Њујоршката алијанса на таксисти со околу 40 регистрирани такси-возила. Таксистите веќе беа во должничка криза пред да се појави вирусот и се тешко погодени од пандемијата.

На протестот учествуваа и припадници на индијанската нација Шинекок, вклучувајќи ја и Ребека Генија, која во изјавата рече дека милијардерите ја земаат земјата за да изградат терени за голф и куќи, да профитираат од пустошот на коронавирусот и да го искористат трудот на останатите.

„Јасно е дека вистинските ограбувачи во Њујорк се милијардери – и време е да ги натераме да го платат својот фер удел за да можеме сите да напредуваме“.

Групата, исто така, запре пред куќите во сопственост на извршниот директор на „Блекстоун“, Стивен Шварцман и инвеститорот за недвижнини Стивен Рос, а планираше да го посети имотот на инвеститорот и директорот на хеџ фондови, Даниел Лоб.

„Милијардерите се експерти за социјално дистанцирање“, рече Нашименто . „Тие избраа да живеат во својот свет и се одвоени од реалноста на обичните луѓе и луѓето врз чиј живот имаат огромно влијание“.

Треба да знаете
Последни објави