Search

Демонстрантите по трет пат го запалија иранскиот конзулат во светиот шиитски град Наџаф

Ирачките антивладини демонстранти доцна синоќа по трет пат го запалија иранскиот конзулат во Наџаф, светиот шиитски град во јужниот дел од земјата, додека политичките лидери во земјата и натаму преговараат за изборот на нов премиер, јави весникот „Сабах”.

Инцидентот се случи само неколку часа по вчерашните тензични  судири во текот на денот меѓу демонстрантите и безбедносните сили, кога демонстрантите го опколија клучниот храм во Наџаф.

Десетици демонстранти се собраа околу храмот на Хаким и побараа популистичкиот духовен лидер Муктада ас-Садр да им помогне да влезат и симболично да ја преземат контролата, јавија локалните медиуми.

Наџаф е една од најважните точки во протестното движење, откако демонстрантите на 27 ноември и на 1 декември го запалија тамошниот ирански конзулат. Храмот на Хаким е во центарот на последното насилство.

Во саботата тројца демонстранти беа убиени и 24 ранети додека силите за безбедност употребија боева муниција за да ги растераат од храмот.

Шиитските храмови во јужните реони на земјата се претворија во средишта на повеќемесечните протести во кои разбеснетите незадоволни шиити протестираат против владата во која доминираат токму шиитите, а кои се поддржани од Иран.

Во последните две недели средиште на протестите не беше само Багдад, туку и јужните градови, каде живее шиитско мнозинство. Во Кербала и Наџаф еруптира гневот на Ирачаните, и покрај фактот дека овие градови се признати за свети места, затоа што таму е погребан внукот на пророкот Мохамед, Хусеин, и некои други роднини.

Бројот на загинати за време на антивладините протести  нарасна на 460, откако на 1 октомври Ирак беше потресен од дотогаш невидено бурно незадоволатво на граѓаните, јави Независната врховна комисија за човекови права во Ирак.

Треба да знаете
Последни објави