Search

Демократски сојуз: Парализа на државата

Мега скандалот “РЕКЕТ” во кој се инволвирани политичари, обвинители, судии, бизнисмени, новинари и други криминалци, ја парализираа државата и целокупниот правен систем.

Парламентот е на одмор, а мораше досега да одржи вонредна седница и да расправа за состојбите во Специјалното јавно обвинителство, да ја разреши Катица Јанева и да донесе законски решенија со кои СЈО ќе продолжи со работа во состав на Јавното обвинителство, со висок степен на самостојност, но и контролни механизми над неговата работа.

Владата мораше да заседава и да побара од МВР, Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи  и Агенцијата за национална безбедност (или сеуште УБК) во соработка со  Jавното обвинителство, да спроведат темелна истрага и сите вклучени во овој криминал да ги изведат пред лицето на правдата.

Во услови кога државата ја тресе катаклизмички криминално политички земјотрес, не дозволиво е “сите” надлежни да се на одмор.

Со “одморот” се даде реална можност да се ништат докази, да се влијае на сведоци, парите од уцени да се дислоцираат во странство, а Македонија да се прогласува за мафијашка држава.

Овој скандал покажа дека се разнишани темелите на државата и за тоа мора да има и политичка и кривична одговорност, но и системски промени за демонтажа на еднопартискиот систем.

Необјасниво е и неодговорно, Власта да повикува на темелна и продлабочена истрага (како да е опозиција), а конкретно да не презема ништо и да дозволи медиумите да ја “водат” истрагата.

Демократскиот сојуз бара мобилизација и активирање на имунолошкиот систем на државата и секој да понесе дел од одговорноста за состојбите се додека е можно тоа. Граѓаните бараат акција и резултати.
Доста ни е од прес конференции, непродуктивни политички надмудрувања и јалови коментари и анализи.

Криминалот не може и не смее да биде вредносна категорија, туку зло со кое мораме да се справиме.

 

Треба да знаете
Последни објави