Search

Демократската партија на Турците: Ги осудуваме влијанијата врз функционирањето на ИВЗ

Демократска партија на Турците преку соопштение изрази загриженост за случувањата во Исламската верска заедница.

„Крајно сме загрижени поради последните случувања во врска со ИВЗ, кои го нарушуваат угледот на нашата вера исламот, којашто е религија на мирот и толеранцијата. Поради тоа, изјавуваме дека најостро ги осудуваме сите надворешни и внатрешни влијанија врз функционирањето на ИВЗ, која има своја автономија во функционирањето на верските заедници во нашата држава. Години наназад оваа институција е постојана мета на критики, кои негативно и штетно влијаат врз угледот на припадниците на исламската религија во нашата земја, која е со мултиетнички и мултиконфесионален карактер“, велат од Демократска партија на Турците.

Оттаму ги повикуваат институциите да бидат крајно претпазливи при носењето какви било одлуки во врска со институцијата за која, како што велат, е крајно чувствителна за припадниците на исламската религија.

„Истовремено ги повикуваме и надлежните на Исламската верска заедница, како претставници на муслиманите во земјата да се однесуваат крајно внимателно и одговорно при носење секакви одлуки во процесот на функционирањето на институцијата. Демократската партија на Турците во своето 30-годишно постоење секогаш беше главен заштитник на духовните и културните вредности на Турците и на сите други припадници на исламската религија во нашата земја, и поради тоа, во никој случај нема да дозволиме нашата религија да биде злоупотребена за политички и други цели“, велат од партијата.

Треба да знаете
Последни објави