Search

Демарш од Атина до Анкара

За низата барања за доделување дозвола за државна нафтена компанија да врши истражувања во делови на грчкиот континентален гребен, објавени во Службен весник на Турција вчера, во Министерството за надворешни работи на Грција бил повикан турскиот амбасадор во Атина и му бил доставен демарш, објавија грчките медиуми.

Весникот „Катимерини”, повикувајќи се на турски дипломатски извори објави дека амбасадорот на Турција во Грција, Бурак Озугергин во грчкото МНР одговорил дека „турските позиции за прашањата поврзани со Источниот Медитеран, вклучувајќи ги и прашањата за демаркација на границите, за кипарскиот проблем, за истражување на јаглеводороди, за Либија и за регионот во целина се познати и транспарентни, односно дека овие позиции се во границите на меѓународното право”.

Озугергин повторил дека досега немало одговор на повиците на Турција за дијалог со Грција и додал дека „никогаш не е доцна за соседите, не само да разговараат, туку и едниот да го чуе другиот”.

Шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас вчера изјави дека објавените барања во Службен весник се обид на Турција „чекор по чекор да се узурпираат суверените права на Грција”, дека следат по турско – либискиот меморандум, а „нелегалните активности на Турција не носат легални резултати”, јави дописничката на МИА од Атина.

-Грција беше и останува апсолутно подготвена за да се справи и со оваа провокација доколку Турција на крај реши да ја спроведе, истакна Дендиас во изјавата за медиумите.

Треба да знаете
Последни објави