Search

Демарш од Атина до Анкара

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, утрово дал упатства до грчката амбасада во Анкара да достави демарш до турското МНР за издадената навигациска информација Navtex за сеизмички истражувања, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Турскиот брод „Оруч Рејс”, според АНА-МПА, вечерва навлегол во најисточниот дел на грчкиот контенинтален гребен, но без да започне со истражувањата, иако веќе ги спуштил потребните кабли.

Според истите информации, во конкретната морска област се наоѓаат бродови на грчката воена морнарица кои на секои 15 минути испраќаат порака дека бродот се наоѓа во грчкиот континентален гребен.

„Оруч рејс” го придружуваат бродови на турската воена морнарица, а Турција смета дека бродот се наоѓа во нејзиниот континентален гребен.

Шефот на грчкатадипломатија имаше телефонски разговор со неговиот германски колега Хајко Мас, а како што напиша Дендиас на „Твитер”, во фокусот биле „турските провокативни активности во Источниот Медитеран”.

Министерството за надворешни работи на Грција, како што претходно објави МИА, излезе со соопштение за како што вели, „новата нелегална турска Navtex за нелегални активности во грчкиот континентален гребен”, порача дека „Грција нема да прифати никаква уцена, ќе ги брани нејзиниот суверенитет и нејзините суверени права” и ја повика Турција „веднаш да ги запре нелегалните активности кои ги поткопуваат мирот и безбедноста во регионот”.

Треба да знаете
Последни објави