Search

Демант од Општина Аеродром: Детската улица „Тоше Проески“ останува непроменета

Општина Аеродром ја известува јавноста дека се апсолутно невистинити информациите што се шират деновиве на дел од социјалните мрежи за наводно вцртување згради во зеленилото во деталниот урбанистички план за Ново Лисиче. Најостро го осудуваме обидот да се дискредитира локалната власт и апелираме до граѓаните да не наседнуваат на лажните вести и некои петиции што неосновано се покренуваат.

Во планот за Ново Лисиче ЈИ02 што е посочен во лажните вести е вцртано Д1, односно парковско зеленило и не постојат ниту се предвидени згради на таа локација.

Очигледно, станува збор за ширење дезинформации што може да ги доведат граѓаните во заблуда.

Општина Аеродром работи транспарентно и новите детални урбанистички планови ги изработува според највисоки стандарди и во консултација со граѓаните.

Затоа, ги посочуваме граѓаните и самите изворно да ги проверат информациите за деталните урбанистички планови на официјалната општинска интернет-страница, каде што јасно може да се види дека детската улица „Тоше Проески“ останува непроменета.

Имено, на општинската интернет-страница www.aerodrom.gov.mk треба да се кликне на банерот за ГИС (Географски информациски систем на Општина Аеродром за граѓани). Кога ќе се отвори ГИС-от, треба да се кликне на третото копче лоцирано на горниот лев агол. Потоа се штиклираат полињата „ДУП“ и „Синтезен“ при што се отвора детален преглед на сите ДУП-ови за целата територија на Општина Аеродром.

Напоменуваме дека ГИС-от е најмеродавен извор на ажурирани информации за деталните урбанистички планови на глобално ниво.

Треба да знаете
Последни објави