Search

Дел од учениците во Грција добија гигантски маски, била направена грешка во димензиите

Гигантски маски, што им го покриваат целото лице, добија дел од учениците во Грција, во рамките на програмата на Владата за бесплатни маски во сите училишта во висина од шест милиони евра.

Во текот на вчерашниот ден, на социјалните мрежи во Грција, родителите објавија фотографии од нивните деца со маските.

Доцна синоќа од Генералниот секретаријат за јавно здравје од Министерството за здравство на Грција, објаснија дека димензиите за изработката на маските биле одредени од надлежните комисии според меѓународните стандарди, меѓутоа, се однесувале на големина на ткаенината пред да се сошие, а не на крајната големина.

-Формулацијата на оваа разлика меѓу почетната и крајната димензија не беше јасна, со резултат дел од дистрибуираните маски да бидат поголеми од предвиденото, соопштуваат од Секретаријатот за јавно здравје и додаваат дека точните димензии дополнително ќе бидат испратени до Централната унија на општини во Грција, која е надлежна за тендерот и  снабдувањето со маски.

Од Централната унија на општини во Грција соопштија дека побарале да запре производството и одново да започне кога ќе ги добијат новите димензии.

На почетокот на месецов, министерот за внатрешни работи на Грција Такис Теодорикакос соопшти дека за бесплатните маски се одвоени шест милиони евра, а надлежна за набавката и доставувањето е Централната унија на општини во Грција.

Треба да знаете
Последни објави