Search

Делчев: Бројни решенија во полицијата не знаеме како завршиле и до каде имаат дојдено

Она што се случува во Министерството за внатрешни работи, а што го гледаат и вработените и граѓаните не е својствено за демократска држава и нема да биде добро ако се продолжи со овој систем на функционирање, бидејќи бројни решенија кои беа издадени од минатиот министер, па се направија нови решенија од техничкиот министер, па се вратија на повторно разгледување на второстепена, првостепена по судови, веќе не знаеме во полицијата кои решенија како завршиле и до каде имаат дојдено, рече денеска претседателот на Независниот синдикат на полицијата (НСП) Гоце Делчев во изјава за медиумите.

Јасно е, вели тој, дека има огромен број решенија кои се со важност од минатиот министер кои се со важност со распишување, односно потпишување на второстепената да се вратат на старите работни места, но најважно, како што потенцира, е дека огромен број вработени во полицијата не си го знаат нивното работно место и во моментов има полицајци, инспектори, началници кои не знаат каде да се обратат.

Како што информира тој, бројот на решенија кои биле вратени со одлука на второстепена комисија од минатата недела е 89.

– Она што јас го имам како податок врз база на пристигнати бројки од делот на работници во полицијата, а се членови на Синдикатот се околу 47. Мора врз база на вистинити и реални бројки и факти да бидат спроведени понатаму процесите за мирно разрешување на проблемот кој на кое работно место е, многу е едноставна работата, не може двајца да бидат на едно работно место, вели Делчев.

Тој апелирам до техничкиот министер, заменик-министерот и до техничкиот премиер да се договорат меѓусебе и да ги надминат овие прашања, бидејќи, додава, вработените во полицијата, луѓето што се најзадолжени за безбедноста на оваа држава, не заслужуваат ваков начин.

– Да го надминеме ова час поскоро за да може да почнеме со процес на обезбедување и начин на систем за што практично оваа полиција е во еден систем и процес на период на предизборие и за време на избори, додаде Делчев.

Прашан како изгледа тоа прераспределување, Делчев појаснува дека има внатрешни интерни огласи во МВР, и доколку еден министер има намера одредено работно место да го пополни со квалитетен кадар или поквалитетен во однос на местото што е упразнето по основ на боледување, прераспоредување на друго работно место, смрт или, како што вели, во ситуацијава на политичко поставување на поединци на одредени работни места, тоа работно место се пополнува со распишување на избор или со директно поставување на работно место врз основа на одлука на министерот.

Според Делчев, во интерес на работниот процес во делот на потребата за работни односи на еден вработен во полицијата, поставување одредени раководни функции во Министерството треба да биде во делот на законите, односно како што го прецизира и уредува законската регулатива во полицијата.

Имено, од НСП сметаат дека распоредувањето „по потреба на Министерството” години наназад се користи како алатка преку која политиката директно се меша во работата на Министерството и апелираат да се почитуваат законите и подзаконските акти.

Треба да знаете
Последни објави