Search

Делумно вето на бугарскиот претседател Радев на заострените мерки на владата против коронавирусот

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска стави делумно вето на Законот за итни ситуации со кој владата планира да го ограничи ширењето на коронавирусот, наведувајќи дека одделни решенија во него ќе донесат повеќе проблеми отколку некаква корист

Законот беше усвоен во петокот во бугарскиот Парламент, кој минатата недела, исто така, прогласи и вонредна состојба во земјата до 13 април.

Радев изјави дека рестрикциите ќе ја зголемат вознемиреноста и чуството на криза меѓу луѓето веќе и онака загрижени заради недостигот на ресурси за борба против вирусот.

-Ниту една битка не е добиена со страв, порача Радев, пренесоа британските медиуми.

Тој додаде дека со законот не е направено доволно за најранливите и нјајзагрозените.

-Недостигот на адекватни мерки ќе доведе до ситуација во која гладот ќе го надвладее стравот, а последиците ќе бидат разурнувачки, рече Радев.

Радев истакна дека го дели мислењето дека вооружените сили треба да му помогнат на општеството, но укажа на тоа дека им биле доверени исклучителни овластувања без консултации со врховниот командант.

Со вонредната состојба во Бугарија се затворени училиштата, баровите и рестораните, парковите и игралиштата, како и јавниот превоз.

За да може да се „суспендира” претседателовото вето  на владата на Бојко Борисов и парламентарното мнозинство им се потребни 121 глас од вкупно 240 пратенички мандати во законодавниот дом.

Треба да знаете
Последни објави