Search

Делегација на СДСМ на Меѓународна конференција на владејачките партии од ЦИЕ во Кина

Делегација на СДСМ, во состав Андреј Жерновски, член на ЦО на СДСМ и Рената Јајоска, член на секретаријатот за меѓународна соработка, на покана од владејачката партија на НР Кина учествува на меѓународната Конференција на владејачките партии на земјите од Централна и Источна Европа, која се одржува во Пекинг, НР Кина.

На Конференцијата се разговара за потенцијалите и моделите за соработка во идната декада, со фокус на инвестициите, енергетиката, инфраструктурата и земјоделието.

Посебен дел е посветен и на културната соработка помеѓу земјите од регионот и НР Кина.

На овој важен собир учествуваат актуелни и поранешни министри и високи претставници на Латвија, Естонија, Унгарија, Словачка, Романија, Словенија, Хрватска, Грција, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, како и домаќинот НР Кина.

Предвидено е делегацијата на СДСМ да оствари повеќе средби со претставници на НР Кина и со присутните гости, а ќе даде и свој придонес со излагања на неколку од предвидените панел дискусии.

Во своите излагања, Жерновски потенцираше дека Република Северна Македонија, заедно со Кина, активно ги промовира своите интереси за реализација на конкретни проекти во различни области во интерес на граѓаните, како што тоа го прават останатите земји од ЦИЕ, од кои 12 се членки на ЕУ, а 14 на НАТО.

Зборувајќи за придобивките од Процесот “17+1”, тој информираше за проектите и соработката во последната година по самитот во Дубровник, за потпишаниот Акциониот план за соработка во областа на земјоделието 2020-2022 меѓу нашата земја и Кина, за Центарот за културна соработка 17+1 во Скопје кој работи од 2018 г., за претстојниот 4 –ти министерски состанок за култура, кој ќе се одржи од 24-26 ноември 2019 г, а ги посочи и нашите интереси за соработка во областа на инфраструктурата и енергетиката.

“Очекуваме зајакната соработка со Кина, но и со останатите земји од ЦИЕ, како ветување за дополнителен напредок и развој на нашата економија”, истакнаа Жерновски и Јајоска во своите говори.

Делегацијата на СДСМ, во разговорите и средбите со претставниците на владејачките партии од Централна и Источна Европа, доби честитки за досегашниот курс на водење на државата, за храбрите политики и реформски постигнувања, како и поддршка за европските перспективи на нашата земја.

Треба да знаете
Последни објави