Search

Делегација на ЕБОР во четиридневна посета на Македонија

Делегација на Бордот на директори на ЕБОР од денеска се во четиридневна посета на Македонија, при што ќе се сретне со претставници од Владата на државно ниво. Во рамките на посетата најавени се средби со премиерот Зоран Заев, министри и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Директорите ќе се сретнат и со претставници од меѓународните институции, граѓанското општество, инвеститори и претприемачи.

Посетата е како подготовителна активност за новата стратегијата на ЕБОР за Македонија од 2019 до 2023 година. Целта е да се договорат приоритетите на македонската влада и да се идентификуваат клучните области каде ЕБОР може да се ангажира, за да се интензивира деловниот и политичкиот дијалог.

Предводник на делегацијата е Франс Викерс, директор за Холандија, Кина, Монголија, Македонија и Арменија. Делегацијата ја сочинуваат: Виолета Барвика-Лофтхаус, директорка за Полска, Бугарија и Албанија, Харолд Фримен, директор за Велика Британија, Јорген Фротзел, директор за Шведска, Исланд и Естонија, Шиничи Накабајаши, директор за Јапонија, Лендер Трепел, Директор за Австрија, Израел, Кипар, Малта, Казакстан, Босна и Херцеговина, Патрик Волш, директор за Ирска, Данска, Литванија и Косово, Милан Мартин Цвикл, заменик-директор за Белгија, Словенија и Луксембург, Мартина Кобиличова, заменик-директор за Унгарија, Словачка, Чешка, Хрватска и Грузија, Илка Раисанен, заменик-директор за Норвешка, Финска, Латвија и Либан.

Директорите на ЕБОР ќе се сретнат со премиерот Зоран Заев, министерот за финансии и гувернер за Македонија во ЕБОР, Драган Тевдовски, претставници од Кабинетот на вицепремиерот и заменик-гувернер за Македонија во ЕБОР Кочо Анѓушев, и гувернерот на Народна банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска. Делегацијата ќе има состаноци и со меѓународните финансиски организации, Европската Унија, комерцијалните банки, компании за енергија во државна и општинска сопственост, како и со граѓанскиот сектор и дипломатскиот кор.

ЕБОР има инвестирано над €1.8 милијарди во 113 проекти во Македонија, фокусирајќи се на поддршка на интеграцијата на земјата во регионалните и глобалните пазари, преку инвестиции и политички дијалог, особено во интензивирање на соработката со клучните партнери како Европската Унија и Европската инвестициска банка.Во 2018 година, ЕБОР ја потврди широката посветеност кон регионот на Западен Балкан со нови инвестиции во износ од €1.1 милијарди во 67 проекти. Претходната година беа инвестирани околу 700 милиони во € 57 проекти.

Банката и понатаму ја интензивира политичката ангажираност во регионот и ќе биде домаќин на третиот инвестициски самит за Западен Балкан, каде шест премиери од регионот ќе бидат гости на Банката во ЕБОР Лондон. Оваа година  годишното собрание на ЕБОР ќе се одржи во Сараево на 8 и 9 мај 2019

Треба да знаете
Последни објави