Search

Дела на МСУ донирани од полски уметници на изложба во Краков

Во Меѓународниот културен центар во Краков, Полска, на 9 јули ќе биде отворена изложба на уметнички  дела од полски автори што ги поседува Музејот на современа уметност-Скопје. Ќе бидат претставени 76 дела – цртежи, графики, скулптури, слики, плакети и архивски материјал.

Од основањето на МСУ и донацијата на полските автори составена од 212 дела од 134 автори,  полската колекција на МСУ првпат ќе биде изложена во земјата донатор. Изложбата е насловена „Скопје град, архитектура и уметност на солидарноста”.

Како што соопшти МСУ, интересот за оваа селекција на дела почнал пред три години, кога и прелиминарно е направен преглед на делата од страна на стручни лица – кустос и конзерватор од Полска во соработка со Амбасадата на Полска во земјава.

Кустосите од Интернационалниот културен центар во Краков – Моника Рудигер, Агата Васовска и Лукаш Галушек, во соработка со кустосите Марика Бочварова-Плавевска и Благоја Варошанец од МСУ, во 2018 година направиле финална селекција на делата за претстојната изложба.

Во текот на преговорите беше вклучено и Министерството за култура како подржувач на овој проект во рамки на билатералната соработка помеѓу културните институции на двете држави.

Во соработка со Архитектонскиот факултет при УКИМ и Музејот на Град Скопје, во склоп на изложбата  во Краков ќе бидат презентирани и пет макети: Градски архив на Скопје, Телекомуникациски центар Скопје, Универзитетски кампус „Св.Кирил и Методиј”, Музеј на современата уметност и Македонска опера и балет, како и оригиналната макета за изгледот на постземјотресно Скопје на Кензо Танге.

Треба да знаете
Последни објави