Search

Дедо Мраз држи дистанца и носи маска

Рестриктивните мерки низ цела Европа ги натераа владите на многу земји да наложат секој што носи костим на Дедо Мраз да одржува дистанца и да носи заштитна маска.

Властите на Европската унија се обидуваат да им овозможат на граѓаните да го слават Божиќ во семејниот круг и да ги ублажат ограничувачките мерки, дозволувајќи пет лица да бидат присутни во едно домаќинство за Божиќ, што повеќето Европејци го слават на 25 декември, пишува Ројтерс.

Многумина ќе ги откријат своите планови оваа недела за ограничување на бројот на луѓе на семејните собири, додека некои големи празнични фестивали се откажани.

Белгискиот премиер Александар де Кроа е загрижен за третиот бран што може да следи, откако вториот започна да слабее.

„Или ќе го прекинеме третиот бран за Божиќ или третиот бран ќе започне тој ден“, рече Де Кро, кој планира да слави само со сопругата и двете деца.

Белгиската влада дури му пишала на Дедо Мраз, кој традиционално им дава подароци на децата на 6 декември.

„Дедо Мраз држи дистанца, редовно ги мие рацете и носи маска кога е потребно“, се вели во соопштението на белгиската влада.

Неодамна и италијанскиот премиер, Џузепе Конте во порака до децата загрижени за тоа како ќе се одвиваат новогодишните празници, одговори дека Дедо Мраз ќе носи маска и ќе може да патува низ целиот свет со дозвола за движење.

„Дедо Мраз ми гарантираше дека веќе има потврда за меѓународно патување. Може да патува насекаде и да им носи подароци на сите деца ширум светот”, напиша Конте како одговор на прашањето на петгодишниот Томас.

Треба да знаете
Последни објави