Search

Дебата: Се уште ограничено остварувањето на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер

Остварувањето на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер се уште е ограничено. Се уште за ова право се знае малку меѓу граѓаните, се уште повеќе го користат граѓанските организации, а во последните години и медиумите и тука завршува примената. Остварувањето на ова право е обврска на институциите и со ова право се овозможува поголем ангажман на граѓаните. Ова е дел од заклучокот на денешната дебата за спроведувањето на новиот Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во организација на Центарот за граѓански комуникации.

Дебатата се организираше по повод една година од примената на Законот со цел да се дискутира за првичните искуства од неговата примена, да се укаже на недоследностите и да се извлечат препораки за унапредување на примената во иднина. Поради преземање соодветни мерки за заштита од Ковид-19, на дебатата само говорниците беа присутни, а останатите учесници се вклучија онлајн преку платформата Zoom.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации рече дека сега информациите треба да бидат на располагање, да стануваат достапни, а барањето да дојде во исклучителни ситуации, кога навистина нешто поспецифично ни треба. Според него, едно од решенијата е т.н. активна транспарентност или тоа е активното објавување информации од јавен карактер, односно институциите да ги стават достапни сите оние информации со кои располагаат, но и се обврска со членот 10 од новиот Закон.

Тој презентира дел од наодите од анализата на примената на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, направена од првиот ден или од први декември, кога почнале да ги анализираат барањата за слободен пристап.

-Во првите шест месеци, од 1 декември натаму, имаме испратено 460 барања за слободен пристап и врз таа основа е направена оваа анализа. Само врз основа на нашите барања. Во законскиот рок од 20 дена на барањата одговориле 51 отсто од институциите или само половина го запазиле новиот скратен рок. Просечниот број денови е 23, рече Филков и додаде дека не се задоволни од просечниот рок кога одговориле на барањата за слободен простап. Најчесто, како што рече, институциите одговориле за 29 дена. Отстапувањето од рокот од 20 дена изнесува 84 отсто.

Тој напомена дека поднеле 60 жалби поради тоа што не бил добиен никаков одговор и поради молчењето на Управата и молчењето на администарцијата. Појасни дека половина од барањата ги испратиле пред коронавирусот, а другата половина по коронавирусот. – Пред корона кризата, одговорот во рок бил 56 проценти, за време на кризата 46 проценти. Сепак, процентот е мал, но во однос на влијание сметаме дека е ограничено, односно дека не е многу големо. А просечниот број денови на кои ни одговориле во корона кризата е 24, рече Филков. Додаде дека според нивното искуство, институциите повеќе одговараат на познат барател и понавреме отколку на медиуми и непознати баратели, односно граѓани.

-Доста ни е веќе од барања, доста ни е веќе од пристап. Сакаме тоа се слободно да биде, а барањата навистина да бидат исклучок, да се постават, а не да бидат основен начин за добивање информација, изјави Филков.

Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер Пламенка Бојчева ги изнесе нивните искуствата и забележа дека се уште голем дел од имателите на информации како позитивен одговор на барање место изготвување управен акт, тие и понатаму ја практикуваат старата пракса од законот или одговорот го даваат како известување.

Треба да знаете
Последни објави