Search

Двојно читање на мамографски слики за рана детекција на рак на дојка

Министерството за здравство првпат од функционирањето на мамографски скрининг воведува значајна новина за двојно читање на мамографските слики, со што мамографските снимки за рано откривање рак на дојка ќе бидат независно анализирани од двајца радиолози. Овој начин на работење е воведен во шест центри во земјата, односно во трите мамографски центри во Скопје – ГОБ „8 Септември“, Институт за радиологија и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (стара градска), како и во болниците во Тетово, Прилеп и Охрид за што е направена надградба на националниот електронски систем Мој термин. Оваа новина е воведена со цел максимално да се зголеми бројот на лица заболени во рана фаза од болеста. Истовремено, Националната комисија за спроведување на скринингот на рак на дојка повеќе од една година работи согласно европските насоки за обезбедување квалитет во насока на потребна апаратура, начин на снимање и читање на сликите, како и зајакнување на човечките ресурси.

Радиолозите што ќе прават двојно читање ќе треба да имаат искуство на читање мамографски слики од минимум 800 пациентки. Со новата софтверска програма ќе се следи техничкиот квалитет на сликите, квалитетот на мониторите на коишто се прикажуваат и радијациските дози што ги добиваат пациентите. Токму месец октомври е месец за превенција од рак на дојка, за таа цел потсетуваме да направите самопреглед на дојка, да закажете ЕХО на дојка преку вашиот матичен лекар, а доколку сте на возраст од 50 до 69 години, јавете се на бесплатниот телефон 0800 15 444 и закажете мамографски преглед. За пријавените жени од оваа возрасна група, кои ќе бидат опфатени со скринингот, мамографскиот преглед ќе биде бесплатен, а средствата се обезбедени преку Програмата за рана детекција на малигни заболувања при Министерството за здравство.

Со ова, Северна Македонија ќе биде единствена држава во регионот која има вакви процедури за контрола на квалитетот, како што има во Велика Британија, Холандија, Белгија, Шведска, Словенија, кои се лидери по успешност на мамографскиот скрининг.

Апелираме сите жени на возраст од 50 до 69 години, кои ќе бидат поканети на скринингот да се јават на закажаниот преглед, бидејќи раната дијагностика е клучна и спасува животи. Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жената, но доколку се открие во рана фаза значително се намалува процентот на смртност

Треба да знаете
Последни објави