Search

Двоен златен медал за новото премиум вино на „Tikveš Châteaux & Domainеs“ во Кина

Новото црвено премиум вино „Terrasse a L’Ombre 2018“, кое е дел од „Tikveš Châteaux & Domainеs“, освои двоен златен медал на првиот голем меѓународен вински натпревар оваа година, што се одржа во Хонг Конг, Кина – China Wine & Spirits Best Value 2020.

Двојниот златен медал, што е највисоко признание што се доделува на овој престижен вински натпревар, е освоен во конкуренција од најпознатите светски вински брендови кои се селектирани и оценувани од тим од 100 вински судии, номинирани од најголемите увозници на вино, ресторани и специјализирани продавници во Кина, кои годишно увезуваат вино во вредност од над 20 милијарди долари.

„Кина е на пат да стане втор најголем пазар во светот според консумацијата на вино, надминувајќи некои традиционални пазари како Франција и Велика Британија. Како компанија веќе подолг временски период ги анализираме ваквите трендови и преземаме конкретни чекори за зголемување на пласманот на нашите вина на овој огромен пазар. Веруваме дека освоените медали на ваквите натпревари ќе креираат позитивен имиџ и ќе ги зголемат шансите за соодветно позиционирање на „Тиквеш“ како европски производител на вина со премиум квалитет, што е особено важно за потрошувачите на кинескиот пазар“, објаснува генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.

Премиум виното „Terrasse a L’Ombre 2018“ е произведено во винарницата „Château de Gourdon“, сместена во јужниот дел од долината на реката Рона во Франција, која од ноември 2018-та е составен дел од „Тиквеш“. „Terrasse a L’Ombre 2018“ e седмото по ред премиум вино од обновеното портфолио на винарницата „Château de Gourdon“ кое од неодамна е достапно и за македонските љубители на високо квалитетни вина.

По своите карактеристики, ова премиум вино е идеално балансирана купажа од сортите: сира (Syrah – 65%), што созревала во нови француски дабови буриња и гренаш црн (Grenache Noir – 35%) која одлежувала во бетонски танкови. Се одликува со уникатна темнопурпурна боја и нагласени ароми на шумско овошје, при што доминираат капина и малина, дополнети со ноти на бибер, слатки ориентални зачини и ароматични билки. Во вкусот се чувствува сладок корен.

Заедничка одлика на сите вина од „Tikveš Châteaux & Domainеs“, во која спаѓаат ексклузивните вина на „Тиквеш“ од Бела Вода, Барово, Лепово и вината произведени во винарницата „Château de Gourdon“, е тоа што тие потекнуваат од строго контролирани лозови насади кои се дел од самиот посед и каде климатските услови, сонцето, водата, ветерот и почвата, со еден збор – ‘тероарот’, се во совршен баланс кој е идеален за производство на префинети вина со извонреден квалитет.  Овие вина се со заштитено географско потекло, се произведуваат во ограничени количини и имаат уникатен карактер кој ги отсликува дистинктивните карактеристики на самиот локалитет.

 

 

Треба да знаете
Последни објави