Search

Движење БЕСА: Заев ветуваше живот за сите, а во западниот дел има нула нови вработувања

Движење БЕСА одржа прес-конференција на која, директорот на одделот за економија на оваа партија, Фатмир Емуш, ги изнесе нивните ставови во однос на спонзорираниот видео материјал на Владата, каде што се презентираат економските достигнувања во првите две години од мандатот.

Како што кажа Емуш, прикажаните податоци и бројки се импозантни, па и најголемиот скептик не би останал рамнодушен, но тој на прес-конференцијата обелодени аргументи за кои рече дека го демантираат видео материјалот спонзоризиран од СДСМ.

„Според нашата анализа, а што може лесно да се утврди и од фактичката сосојба, констатираме дека од рекламираните 624,5 милиони евра, ниту еден цент не се инвестирани во технолошко развојните зони во западниот дел на државата, со мнозинство албанско население. Тоа значи дека во овие две години не е отворена ниту една обична работилница, а да не зборуваме за големите светски производители“, истакна Емуш.

Истакнувајќи дека министерот за економија Бектеши не е во тек со мизерната состојба во западниот регион, претставникот на Движење БЕСА јавно го запраша премиерот зошто тој дел не е вклучен во процесите за странски директни инвестиции и нови работни места.

„Дали сето ова не е во спротивност со концептот кој што го промовирате – „Живот за сите“. Заради оваа причина господине премиере апелираме помалку да се занимавате со видео спотови, затоа што тие не враќаат назад во времето кога имаше многу рекламирања, а малку работа“, истакна Емуш додавајќи дека само со еднаков економски и регионален развој може да се зборува за живот за сите.

Треба да знаете
Последни објави