Search

Две ТВ-серии водат во трката за „Еми“, а „Нетфликс“ растури со 160 номинации

Годинешните „Еми“ награди ќе бидат официјално објавени на виртуелна церемонија во Лос Анџелес доцна вечерва, односно во раните утрински часови понеделник според македонско време.

Некои од наградите беа доделени во саботата навечер, а 70 категории се веќе презентирани во текот на подготовките за главниот настан во можеби најчудната недела во 72-годишната историја на наградите, истовремено истакнувајќи ја гломазната и незграпна природа на ТВ-индустријата, коментира американски Си-ен-ен.

Досега се доделени седумдесет и пет награди (некои категории имаат повеќе добитници) на 26 различни мрежи и стриминг-платформи, од кои некои, како „Дизни плус“, „Епл ТВ пус“ и „Квиби“, не постоеја минатата година до овој момент. Преостанатите категории ќе бидат презентирани за време на примарното емитување во недела.

Две ТВ-серии веќе имаат собрано по пет награди, и двета се жанрови фантазија / фантастика / стрип-книга, жанровите кои што „Игра на тронови“ умешно ги претставуваше за време на својот марш низ историјата на „Еми“. „Чувари“ – лимитирана серија на „Ејч-би-о“, адаптација на графички роман и филм со 26 номинации – и „Мандалоријанецот“, серија со 15 номинации, вклучително и за најдобра драма.

 

За прв пат, церемијата на доделување на телевизиските награди „Еми“ ќе биде изведена виртуелно, а номинираните ќе останат дома поради пандемијата на коронавирус. Продуцентите направија се за да се одржи големата церемонија, како што ја опишаа во повик до новинарите, испраќајќи 130 камери на терен и надевајќи се дека ќе нема или барем ќе има многу малку технички проблеми.

Телевизиската академија на крајот на јули ги објави номинациите. Стриминг-платформата „Нетфликс“ се најде на врвот со неверојатни 160 номинации, а веднаш зад него е „Ејч-би-о“ со 107 номинации. Номинациите на „Нетфликс“ ги надминуваат и оние на трите најголеми американски мрежи за емитување („Еј-би-си“, „Си-би-ес“ и „Ен-би-си“).

Но, и „Ејч-би-о“ има причина за славење бидејќи серијата „Чувари“ успеа да добие неверојатни 26 номинации. Тука некаде е и комедијата (серија) „Прекрасната госпоѓа Мејзл“ со номинации во 20 категории, додека „Озарк“ и „Наследници“ имаат по 18.

Церемонијата на доделување на „Еми“ наградите е најновата жртва на пандемијата на Ковид-19, имајќи предвид дека наместо на гламурозен црвен тепих, некои селебрити-личности ќе се појавуваат во пижами од нивните спални соби.

Треба да знаете
Последни објави