Search

Два нови сомнителни случаи на заразени со коронавирус денеска во Косово

– Во лабораториите на Националниот институт за јавно здравство на Косово денеска се предадени на анализа примероци од двајца пациенти за кои постојат сомневања дека се заразени со коронавирус, објави попладнево порталот „Газета експрес”.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, резултатите од анализата се очекува да бидат објавени во текот на денешниот ден.

Во текот на вчерашниот ден, според приштинскиот портал, на инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово биле хоспитализирани четири лица за кои постоело сомневање дека се заразени со смртоносниот вирус Ковид-19. Разултатите за сите од нив, како и за неколкумината кои во претходните денови беа тестирани за вирусот, биле негативни, соопштија официјални извори од Институтот за јавно здравство на Косово.

Во рамки на Министерството за здравство на крајот на минатата недела е формиран Комитет за следење на заразните болести, кој усвои План за готовност и реагирање при евентуална појава на коронавирусот.

Планот, како што беше соопштено, ги содржи активностите кои се преземени во случај да се јави потреба од справување со вирусот, а со него се опфатени речиси сите јавни здравствени установи, организациите и владините агенции, како и Безбедносните сили (ФСК) Полицијата на Косово и царинските служби. Меѓу другото, од вчера лекарски тимови се распоредени на приштинскиот меѓународен аеродром „Адем Јашари” и на граничниот премин Мердаре меѓу Косово и Србија.

Треба да знаете
Последни објави