Search

Два македонски филма во официјална конкуренција на престижниот „Санденс“

Македонскиот документарен филм „Медена земја“ и играниот филм „Ловци на вештерки“ влегоа во официјална конкуренција на „Санденс 2019“ кој на крајот на јануари ќе се одржи во Јута, САД.

Филмот „Медена земја“ кој е во официјалната програма за документарни филмови е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, продуцент на филмот е Атанас Георгиев, а негова е и монтажата. Филмот обработува тема за животот не една жена која живее сама со мајка и во централна Македонија, во сосема примитивни услови и произведува мед од диви пчели…Таа е последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која сака да ги спаси пчелите и природниот баланс на планетава.

Ловци на вештерки“, пак, е во натпреварувачка категорија во рубриката „Деца“.Ова учество ќе ја одбележи и неговата американска премиера. Филмот е малцинска копродукција меѓу Србија и Македонија, семејна приказна, која жанровски се движи помеѓу авантура, научна фантастика и семеен филм. Режисер на филмот е Рашко Миљковиќ, а продуцент е „Акција“ Продукција од Србија во копродукција со „Дрим Фектори“ Македонија.

Ловци на вештерки“ (The Witch hunters, англ.) е приказна за Јован, момче од десет години, кое е родено со делумнa церебрална парализа. Неговиот живот е условен од оваа ситуација. Преку својата имагинација Јован бега во светот на фантазијата, во која, непречен од својата физичка попреченост, тој е слободен да направи сè и да биде оној што сака, еден вид суперхерој.

Филмот е во режија на Рашко Миљковиќ, сценариото е напишано од Марко Манојловиќ и Милош Кречковиќ, а во него играат: младите Михајло Милавиќ и Силма Махмут, како и Јелена Докиќ, Милутин Милошевиќ и нашата светски позната актерка Јелена Јованова.

Филмот се реализираше со поддршка на Филмскиот центар на Србија, под-програмата МЕДИА на Креативна Европа, Агенцијата за филм на Република Македонија, Министерството за образование на Република Србија, како и градот Белград.

Санденс“ е еден од најпрестижните филмски фестивали во светот и е на рамниште на Берлински фестивал, „Кан“, „Бафта“, „Глобус“ и фестивалот во Венеција. Фестивалот, кој постои од 1981 година, е основан од Роберт Редфорд и ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари 2019 година е еден од најголемите филмски фестивали oд А категорија.

За изданието 2019 одбрани се 112 долгометражни играни филмови од 33 земји, 45 филмови се дебитанстки. За ова издание има рекорден број на пријавени филмови, од кои 4,018 долгометражни од вкупно пријавените 14,259. Од долгометражните 2,251 се интернационални, а останатите од американско потекло.

 

Треба да знаете
Последни објави