Search

Данска и Норвешка нема да ги отворат границите кон Шведска

Скандинавските земји започнаа со олеснување на мерките, но Данска и Норвешка, без оглед на тоа, не сакаат да ги отворат границите кон Шведска, ниту да ги примат нејзините државјани.

Премиерките на Данска и Норвешка, Мете Фредериксен и Ерна Солберг, денеска соопштија дека повеќето од мерките ќе бидат укинати до 15 јуни.

Тие најавија дека граѓаните на двете држави ќе можат слободно да патуваат од една во друга држава и дека се подготвени да ги отворат и границите кон Германија и Исланд.

Сепак, ова нема да биде случај и за туристите од Шведска, кои барем уште некое време нема да можат да стапнат на тлото на овие две земји.

Фредериксен објаснува дека ова е така затоа што државите имале различни погледи кога станува збор за мерките против коронавирусот.

Шведска денес пријави уште 84 смртни случаи од Ковид-19, а вкупниот број на жртви порасна на 4.350, што е за четири пати повеќе од збирната бројка на смртни случаи во останатите нордиски земји.

Шефицата на шведската дипломатија претходно неделава посочи дека одлуката на скандинавските земји да не ги отворат границите со Шведска е политичка и дека нема основани „здравствени основи“ за тоа.

Треба да знаете
Последни објави