Search

Данелис: Ципрас со Заев и Коѕијас со Димитров пишуваат историја

Сега сме ние на ред, вели пратеникот од партијата Река, Спирос Данелис, по успешно изгласаните уставни измени во македонското Собрание и во пресрет на ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент.

Говорејќи на конференција посветена на договорот, Данелис истакна дека Ципрас со Заев и Коѕијас со Димитров пишуваат историја и уште еднаш го повтори неговиот позитивен став во однос на решението меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.

-Собранието на ПЈРМ ги изгласа промените на името на земјата и низа членови од Уставот, ги сменија оние работи што ни пречеа, онака како што ние баравме. Сега сме ние на ред. Ако националистичката бескомпромисност и ситните политички игри надвладеат над логиката и принципите, нѐ очекува меѓународно  и апсолутна изолација, рече Данелис во неговото обраќање на панелот, кусо пред говорот на грчкиот премиер.

Пратеникот на Река рече дека неговата позиција е јасна, тоа му го налага совеста и неговата доследност од  1992, кога јавно се постави против протестите и слоганите дека „Македонија е една и грчка”.

-Одговорноста паѓа на Река за одбрана на националниот интерес. Во секој случај СИРИЗА е заслужна за историскиот успех на Договорот од Преспа. Со неспоредлива политичка самопожртвуваност и покрај значајната политичка цена, не се исплаши, одговори на националната должност. И бидејќи личностите се оние кои пишуваат историја, Ципрас со Заев, Коѕијас со Димитров се запишуваат во историјата. Ни се допаѓало ова или не, рече пратеникот на Река во кој се вперени очите на грчката јавност во однос на тоа дали ќе ја поддржи Владата или не на гласањето доверба.

Во однос на Договорот од Преспа, Спирос Данелис, јавно го поддржува, а тоа го изрази и преку интервјуто за МИА во септември минатата година.

Тогаш, во разговор со дописничката на МИА од Атина рече дека  станува збор за праведен, напреден и одржлив компромис и договор кој ги почитува приоритетите и чувствителностите на двете страни, кои ги добиле оние елементи кои  што ги сметале за најважни, името за грчката страна, државјанството и јазикот за македонската. Данелис, преку интервјуто порача дека сега двете земји и двата народи имаат можност „да свртат страница, да ги обединат силите и да живеат како вистински пријатели” и не треба да чувствуваат пораз, бидејќи единствени поразени се национализмот и безизлезните политики.

Треба да знаете
Последни објави