Search

Данев: Власта да ги поддржи измените на Законот за јазиците

Владината коалиција не смее да си поигрува со европската иднина на државата и треба да ги поддржи предлог-измените на законот од ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе значат усогласување на Законот за употреба на јазиците со препораките на Венециската комисија, изјави Драган Данев, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Венециската комисија во своите препораки е децидна дека законските решенија ги надминуваат Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Тоа што е опфатено со законот не е европска пракса!

Решенијата во Законот за јазиците се неприменливи и го нарушуваат основното право на правично судење во разумен рок. Венециската комисија утврдува и дека треба да се ревидира членот 3, кој ја регулира интерната и институционалната комуникација или тој да се одложи.

Венециската комисија препорачува и ревизија на законот – секое лице, вклучувајќи ги и оние што не живеат во локалната заедница, да користи друг официјален јазик.
На крајот Венециската комисија смета дека треба да се сменат или одложат одредбите што предвидуваат санкции. Од тие причини ние ќе предложиме суштински измени на законот, кои ќе го доведат во склад со европската практика.

Дополнително, ја повикуваме власта да се води по Параграфот 103 и да не ја користи скратената постапка за измени и дополнување на законот, туку расправата во однос на него да се одвива во редовна постапка за да може да се исцрпат сите аргументи.

Обврска на власта е да ги прифати предложените измени од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи во нив ќе бидат преточени европската пракса и препораките на Венециската комисија.
Власта треба да ги прифати предлог-измените од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи почитувањето на препораките на Венециската комисија е услов во согласност со францускиот нон пејпер за добивање датум за почнување на преговорите со ЕУ.

Власта да не си поигрува со европската иднина на Македонија и да се издигне над коалициските интереси“, истакна Данев.

Треба да знаете
Последни објави