Search

Давидовиќ: За 27 април нема ниту еден обвинет од СВР Скопје, туку само оние за кои нема докази

Факт е дека МВР потфрлило на 27 април, факт е дека тогашната партија на власт го координирала настанот преку УБК и дека при такви влијанија обвинетите не можеле да презема акција, истакна денеска адвокатот на обвинетиот Душко Лазаров, Звонко Давидовиќ во завршните зборови за настаните од насилството Собранието на РМ.

-Неспорно е дека влегла толпа во Собранието, дека вратите ги отвориле сега амнестираните пратеници, неспорно е дека влегле лица со фантомки кои биле координирани од УБК, дека се случило насилство и влез на полицијата која ги евакуирале пратениците. Но, побитно е што нема обвинет ниту еден од СВР Скопје, рече Давидовиќ.

Тој смета дека обвинителството не докажа дека Лазаров не превземал нешто за што немал наредба.

Според Давидовиќ, спорно е нереагирањето на сребрениот и бронзениот командир кои не презеле никакви активности, а имале голем број полицајци на располагање.

Денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за случувањата во Собранието на 27 април 2017 година. Случајот е во завршна фаза, со изнесување на завршни зборови на одбраната.

Со цитат од насловот од една драма „Очи широко затворени” адвокатката на обвинетиот Митко Пешов, Павлина Зефиќ, ги започна завршните зборови во Кривичен каде се одржува рочиштето за предметот за насилството во Собранието на РМ познат како 27 април.

Зефиќ рече дека Пешов како началник на Одделението за специјални полициски сили се товари дека не  издал наредба за евакуација на пратениците и дека не повикал поголемо полициско обезбедување.

Според адвокатката, круцијален сведок кој е во корист на обвинетиот е поранешниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, кој во тој момент на случувањата, во неговото сведочење истакнал дека се слушнал телефонски со обвинетиот и дека токму по тие разговори се докажува дека Пешов нема никаква кривична одговорност.

Адвокатката рече дека, за жал, никој од одговорните за настаните од 27 април денеска не се во судница и не се обвинети туку, како што рече, тука е Пешов кој без никаков доказ е обвинет. Таа се осврна на исказите на повеќе сведоци кои, според неа, сите се во корист на обвинетиот. Меѓу нив се и сведочењата на полицаецот со сребрена команда за кој адвокатката смета дека не се потрудил да дознае за случувањата во Собранието.

Зефиќ во говорот за дискредитација на тој сведок рече дека токму тој требало да даде наредба за дополнителни полициски сили, а истата одговорност ја имал и сведокот со бронзената команда.

На минатото рочиште завршни зборови повеќе од три часа даваше бранителот на Митко Чавков, адвокатот Сашко Дуковски. За изнесување на завршни збориви остануваат адвокатите на останатите 16 обвинети во овој случај, по што можност да дадат завршни зборови ќе имаат и сите 17 обвинети.

Судскиот процес започна во август минатата година и го води Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Процесот започна против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.

Обвинителката Вилма Рускоска, во завршни зборови, рече дека на судот не треба да влијае тоа што некој се соочува со 10 години затвор, а друг за истото е амнестиран и дека треба само да влијаат фактите што ги видовме во судницата.


 

 

Треба да знаете
Последни објави