Search

Гудачкиот квартет „Вива Стрингс” ќе одржи концерт во Делчево

Со концерт на гудачкиот квартет ,,Вива Стрингс”, продолжува богатата културна понуда која во Делчево почна за време на новогодишните и божикните празнувања.

Како што информираат од општината, целовечерниот концерт на „Вива Стрингс” утревечер во киносалата во Делчево ќе обедини класични гудачки инструменти и обработки на популарни поп и рок нумери, од познатите АББА, Мајкл Џексон, Стинг, Ерик Клептон, Колдплеј и други.

– Јануарските празнувања во Делчево ќе ги збогатиме со целовечерен концерт на гудачкиот квартет Вива Стрингс, во чии рамки Делчевци ќе имаат несекојдневна можност да се релаксираат и да уживаат во виртуозната интерпретација која обединува класични гудачки инструменти и обработки на популарни поп и рок нумери. Гудачкиот квартет „Вива Стрингс” претставува класичен камерен состав, составен од две виолини, виола и виолончело.„Вива Стрингс” е ансамбл оформен во 2011 година, на иницијатива на Дејан Теодосиевски, а со взаемна желба на сите негови членови. Целта на неговото формирање е заедничко музицирање, како поле за индивидуално презентирање и етаблирање на сите негови членови. Ќе ни биде чест што овој реномиран состав ќе гостува во Делчево, информираат од општината.

Од своето формирање до денес, „Вива Стрингс” е редовен претставник на камерното музицирање на голем број свечености, промоции и слични настани, каде јасно и недвосмислено ја етаблираат класичната музика и квалитетната уметност на пошироката публика. Сите членови на Гудачкиот квартет се редовно вработени како музичари во НУ Македонска филхармонија, каде важат за истакнати и докажани професионалци. Тројца од нив се и членови на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија.

Треба да знаете
Последни објави