Search

Гувернерката на НБРМ: Треба да се фокусираме на натамошното подобрување на фундаментите на економиите во регионот

„Сите ние како носители на политики во Централна и Источна Европа треба да се фокусираме на елиминирање на структурните пречки за зголемување на потенцијалниот економски раст на долг рок и да го забрзаме процесот на реална конвергенција” – истакна гувернерката на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусија за монетарна политика што се одржа вчера во рамки на 24. Форум на Централна и Источна Европа организиран од „Еуромани”.

          Во фокусот на панел-дискусијата беа изгледите за економскиот раст во регионот, импликациите од крајот на квантитативното олеснување во глобални рамки и дивергенцијата на каматните стапки во САД и Европа, протекционистичките трговски мерки и Брегзит. Гувернерката на НБРМ најпрво се осврна на изгледите за економски раст во регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ), укажувајќи на тоа дека според проекциите на меѓународните финансиски институции, тие сѐ уште се релативно поволни, но се очекува помалку поволно глобално окружување во претстојниот период во услови на ризици коишто произлегуваат од трговските тензии, геополитичките случувања, како и помалку поволни услови на глобалните финансиски пазари. Притоа таа истакна дека стапката на раст кај најголем дел од економиите во регионот е близу до потенцијалната, што несомнено упатува на потребата од забрзување на структурните реформи со цел зголемување на нивниот потенцијал за раст. Исто така „спроведувањето на структурните реформи не само што ќе го зголеми потенцијалот за раст и не само што ќе ја намали ранливоста на економиите туку и ќе помогне за намалување на премиите за ризик, што ќе значи и поповолни услови за финансирање на економиите..” – укажа, меѓу другото, гувернерката Ангеловска-Бежоска.

На панел-дискусијата беа отворени и други прашања значајни како за економиите од регионот, така и за европската и светската економија, воопшто. Гувернерката на НБРМ активно дискутираше и за актуелните случувања поврзани со можното излегување на Велика Британија од Европската Унија, како и за прашањето за независноста на централните банки, на кое му беше посветено особено внимание на овој форум.

Форумот на „Еуромани”, кој се одржа изминативе два дена во Виена, Австрија, несомнено е еден од водечките настани од областа на финансиите, на кој редовно присуствуваат повеќе од илјада учесници. Поради тоа, важи за редок настан од таков формат, кој овозможува поврзување на економистите заинтересирани за регионот на ЦИЕ – како на претставниците на институциите носители на политики, така и на претставниците на банкарскиот сектор, учесниците на финансиските пазари и на инвеститорите. На годинешново издание на Форумот, учесник од Република Македонија беше и министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски.

Во рамки на своето учество на овој значаен настан, гувернерката Ангеловска-Бежоска оствари повеќе работни состаноци.

Треба да знаете
Последни објави