Search

Грчкото Министерство за здравство по 72 дена нема да одржува секојдневни прес-конференции за Ковид-19

По точно три месеци од појавувањето на првиот позитивен случај на Ковид-19 во Грција, по постепеното ублажување на рестриктивните мерки и речиси враќањето во „новата нормалност”, по 72 дена секојдневни попладневни брифинзи, Министерството за здравство на Грција ги прекинува прес-конференциите посветени на новиот коронавирус, јави дописничката на МИА од Атина.

На 26 февруари 2020 година беше регистриран првиот случај на Ковид-19 во Грција, а три месеци подоцна, во земјата има 2.892 заразени, починаа 173 лица, а направени се 160.991 тестови.

Грција брзо презеде строги рестриктивни мерки, ги затвори училиштата, продавниците, кафулињата рестораните, а помалку од еден месец по првиот случај воведе целосна забрана за движењето.

Грците 42 дена останаа дома, а за време на карантинот, прес-конференциите во Министерството за здравство на Грција на професорот епидемиолог Сотирис Циодрас, кој од почетокот на февруари беше назначен за шеф на експертската комисија и одговорен за контакт со медиумите и заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас, надлежен за операциониот дел, станаа дел од секојдневието на граѓаните.

Резултатите од истражувањата на јавното мислење во Грција од изминатиот период покажаа дека мнозинството Грци редовно ги следеа секојдневните брифинзи.

Во 18 часот, секој ден, речиси сите грчки телевизии ги пренесуваа во живо прес-конференциите на кои се соопштуваа новите податоци за Ковид-19, за ситуацијата во земјата и светот, за текот на мерките, а Циодрас и Хардаљас одговараа и на новинарски прашања, испратени писмено.

– Повеќе не сме во период на карантин, за да биде потребно да бидеме тука секое попладне, како што беше случај изминатиот период. И се надеваме дека никогаш повеќе нема да се појави оваа потреба. Ако повторно нѐ видите да држиме секојдневни пресови со господинот Циодрас, тоа ќе значи дека работите одново станаа тешки, рече заменик-министерот за цивилна заштита на Грција.

– Со оглед на тоа дека нашата епидемиолошка слика е добра, толку добра, благодарение на сите вас, што не е потребено ова редовно информирање. Вистинската репродуктивна стапка на пандемијата, според епидемиологот Литрас од Националната организација за јавно здравје, непроценлив помошник во целиот наш зафат, вистинското „Ро” синоќа беше 0,33, многу помало од еден. До 31 мај ќе имаме писмени соопштенија и ако се оди добро, од јуни еднаш седмично, ќе бидете информирани од Министерството за здравство со писмено соопштение за текот на болеста, исто како што тоа секоја година се прави со грипот, рече професорот Циодрас.

На првите прес-конференции во Министерството за здравство, по појавувањето на првите случаи на новиот коронавирус, професорот Циодрас секогаш повикуваше на смиреност и потребата да не се создава паника, за три месеци, стана особено омилен меѓу граѓаните, а често коментарите во Грците беа дека е „гласот што влева смиреност”.

На вчерашната последна прес конференција, професорот се задржа на процените согласно математичките модели на епидемиолозите од експертската комисија, како и на групата за процени од медицинскиот факултет на атинскиот Универзитет дека во Грција „реалниот број на случаи бил понизок од еден отсто од населението”.

Тој се осврна и на процените за бројот на смртни случаи во земјата. Доколку не се презедоа строгите рестриктивни мерки, а контактите на граѓаните беа намалени за десет отсто, бројот на смртни случаи би бил во просек 13.685, додека со 20 проценти намалување на контакти земјата ќе имаше 7.015 смртни случаи. Сега, има само 173 починати лица.

Од 4 мај 2020 година, со завршувањето на карантинот во Грција, започна и постепеното олабавување на рестриктивните мерки кое продолжува и во текот на јуни, со отворање на основните училишта и градинките, отворање на хотелите и сезонските туристички објекти, отворање на границите и аеродромите и почеток на туристичката сезона.

Грците веќе се вратија во „новата нормалност”, дел од нив ги почитуваат новите правила и препораки, но постои и дел од граѓаните кои едноставно продолжија онаму каде што застанаа пред пандемијата на Ковид-19.

Од 2.892 заразени лица во Грција, 1.374 оздравеле, односно 46.51 отсто од вкупниот број, а активни се 1.345 случаи (46.5 проценти).

Треба да знаете
Последни објави