Search

Грчки медиуми: Утре средба Ципрас – Каменос

Коалиционите партнери во грчката Влада, Алексис Ципрас и Панос Каменос утре во 10.30 часот по локално време ќе одржат средба, објавија грчките медиуми, повикувајќи се на владини извори.

Според истите информации, Ципрас денеска разговарал со Каменос и го поканил утре наутро да се сретнат.

Претходно, медиумите во Грција, пишуваа дека според информации од партијата Независни Грци, средбата е закажана за во понеделник напладне.

Сепак, за утрешниот состанок на двајцата коалициони партнери, на кој ќе разговараат за иднината на нивната соработка во Владата, засега не постои официјална потврда или најава ниту од кабинетот на Ципрас, ниту од Независни Грци, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што вчера објави МИА, иако беше неофицијално најавувано дека Каменос и Ципрас ќе се сретнат вчера, а и самиот премиер на Грција го спомена тоа во неговото интервју во средата, сепак средбата не се одржа, а причината според лидерот на Независни Грци, беше доцнењето на гласањето на уставните измени кај нас.

Вчера попладне, Каменос одржа состанок на пратеничката група на Независни Грци, која што помина без изјави за медиумите, а лидерот на партијата и коалиционен партнер во Владата се огласи преку неговиот официјален Твитер профил.

– Единствената наша разлика во коалициската Влада е името на Македонија. Останатите работи се решаваат парламентарно. Прашање за доверба не постои, освен ако тоа се поврзе со Договорот од Преспа каде што ќе се донесат одлуки од органите на Независни Грци и ќе го известам премиерот, напиша Панос Каменос.

Треба да знаете
Последни објави