Search

Грчки и холандски експерти ќе помагаат за акредитирање на Институтот за судска медицина

Со европска помош во висина од 250.000 евра во рамки на Twinning Light проектот „Стандардизација и хармонизација според ИСО17025 стандардот на лабораториите на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија”, грчки и холандски експерти ќе го подготвуваат Институтот за процесот на акредитација.

Проектот почна да се спроведува лани во ноември и треба да заврши есенва, а експертите кои веќе 15 години работат во акредитирани лаборатории ќе им помогнат на македонските стручни лица да се стекнат со знаења за процесот на акредитација.

Раководителот на Институтот за судска медицина Александар Станков на промоцијата на проектот порача дека имаат добра опрема и знаење, но им фалат луѓе, особено во лабораториите.

-Акредитирани методи значат дека работите совесно, квалитетно и без никакви грешки. Експерти не може да се создадат за година или две. Луѓето треба да работат 10 години заедно за да се создаде тим кој нема никогаш да погреши. Опрема имаме, а наскоро ќе добиеме и нова. Битно ни е да имаме нови вработувања, особено во лабораториите. Во моментов ни требаат уште најмалку шест стручни лица во лабораториите, додека бројот на лекари е доволен, изјави Станков по завршувањето на промоцијата на Твиниг проектот.

Проектот, нагласи, обезбедува квалитет и квантитет на одредени експертизи и апликација на акредитирани и валидирани методи.

-Тоа значи дека нашите граѓани ќе ги имаат истите права, можности и услови какви што имаат граѓаните на ЕУ. Со овој проект и со акредитацијата се намалува времето на експертизите, се скратуваат трошоците и се отвора можност за други инвестиции. Што е најбитно, нашите експертизи ќе бидат работени според европските стандарди и ќе бидат доказ на секаде во светот без да се двоумат луѓето дали се работени по стандарди или  не, рече Станков во обраќањето на промоцијата на проектот.

Грчката експертка Хара Спелиопулу, која е проект лидер, порача дека форензичките информации мора да ги исполнат строгите стандарди за квалитет за да можат полициите од регионот да се борат против криминалот.

-ЕУ развива заеднички стандард за акредитација за анализа на научните докази. На тој начин резултатите од една форензичка анализа која е направена во една земја може да се користат во кривични постапки и во друга земја. Процесот на акредитација спроведува насоки за стандардизирани резултати и квалитет и е формално признавање дека лабораторијата е компетентна да спроведе определени тестови и може да содржи признание за техничката опрема и непристрасноста на лабораторијата. Акредитацијата е скап процес кој подразбира строга контрола на работата на лабораторијата, вклучително и на објектите и вработените во неа, како и дали лабораторијата има програма и процес за контрола на квалитетот, рече Спелиопулу.

Проектот, додаде има четири компоненти. -Првата е усогласување на работните протоколи со ИСО стандардизација и со регулативите. Втората е промоција на квалитетот на работата, третата зајакнување на теоретските основи и практичните аналитички вештини, а четвртата промоција на човековите права преку обезбедување на квалитетни материјални докази и фер правосудни постапки, потенцира таа.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека е убеден оти соработката меѓу МВР и Институтот, која е извонредна, ќе добие нов квалитет и ефикасност со акредитацијата на Институтот.

-Етаблирањето на новите современи стандарди во функционирањето и менаџирањето на институциите денеска е повеќе од императив без кој не може да се претендира кон натамошен  динамичен развој и институционално, техничко, кадровски или кое да е друго усовршување. Сите мора да се стремиме кон имплементирање на стандардите како своевиден гарант за успешност, рече Спасовски.

Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека се надева оти со овој проект ќе продолжи одличната соработка со институтите за судска медицина во Атина и Солун која ја имаше и досега и рече дека Министерството е отворено за била каква поддршка за проектите од областа на унапредување на здравствениот сектор.

Треба да знаете
Последни објави