Search

Грчката метеоролошка служба предупредува за ново невреме

Националната метеоролошка служба на Грција, со вонреден билтен, извести за опасноста земјата да биде зафатена од ново невреме проследено со силни врнежи од дожд, на некои места и град, силен ветер и бура, додека, пак, механизмот на противпожарната служба за справување со можни проблеми е веќе активиран по одржаниот вонреден состанок, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката метеоролошка служба соопштуваат дека во попладневните часови, невремето ќе ги зафати Јонското море, Пелопонез, западниот и северозападниот дел на земјата.

По вонредната временска прогноза, Противпожарната служба на Грција вчера одржа состанок за оперативната подготвеност на која присуствуваше и началникот на службата, а денеска на прес-конференција известија за донесените одлуки, но упатија и препораки и совети до граѓаните како да се заштитат.

– На состанокот беше одлучено одново да се активира операциониот план за справување со опасности од поплави и други непогоди во областите во кои што се очекува да се појави невремето. Механизмот на нашата служба ќе биде во состојба на готовност, со возила на различни локации, рече портпаролот на Противпожарната служба на Грција, Василис Ватракојанис.

Тој додаде дека пожарникарите и возилата во деловите каде што се најавува невремето ќе бидат подготвени, доколку е потребно, за брза интервенција, а во соработка со Генералниот секретаријат за цивилна заштита биле известени сите инволвирани државни служби, како и перифериите и општините.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција упати совети и препораки до граѓаните за заштита од невремето: да избегнуваат да поминуваат пеш или со возила низ речни корита или надојдена вода и вирови; да избегнуваат работа на отворено или активности во близина на морето, како и рибарење; во случај да паѓа град да се засолнат во објекти или во возила се додека не помине невремето; да избегнуваат да поминуваат под големи дрва, висечки ознаки или под места каде што постои опасност за пад на предмети.

– Ги молиме сите граѓани, за нивна безбдност, да бидат особено внимателни и верно да ги следат упатствата на надлежните органи, рече портпаролот на грчката противпожарна служба на денешната прес-конференција, пренесе МИА.

Заменикот полковник на Противпожарната служба, Аристотелис Пападопулос, кој воедно е и метеоролог, објасни дека бурата „Адиноос” доаѓа од запад.

Треба да знаете
Последни објави