Search

Грчката Влада со законски мерки ќе го избегнува и ограничува ширењето на коронавирусот

Превентивни контроли и ограничувања; вработување и прераспределување на медицински персонал; државни договори за медицински материјал; принудно отстапување кревети од приватните за државните болници; вонредна финансиска помош за Министерството за здравство, се петте члена од законскиот акт издаден од грчката Влада, односно, како што соопшти портпаролот на владата Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, „мерките за избегнување и ограничување на ширењето на коронавирусот”, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретниот законски акт, доаѓа по вчерашниот министерски состанок кај грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за коронавирусот, а всушност претставува владин план, што, според Пецас, е динамичен и ќе се менува во согласност со ситуацијата со која ќе треба да се соочат.

-Ние ги даваме мерките за најлошото можно сценарио. Се подготвуваме за да можеме да се справиме со ова најлошо можно сценарио, но не значи дека ќе треба да се активираат сите овие мерки, објасни портпаролот на грчката Влада и истакна дека потребна е превенција, но и смиреност, а не паника.

Во првиот член за превенција, следење и ограничување на ширењето на вирусот, како што соопшти Пецас, се вклучени мерките:

-Спроведување превентивни контроли на влезните и излезните точки на земјата во авионското, морското, железничкото или патното поврзување со земјите во кои е регистриран коронавирусот;

-Привремено, целосно или делумно ограничување на авионското, морското, железничкото или патното поврзување со земјите во кои има големо ширење на вирусот;

-Привремен прекин на работата на училиштата и секаков вид на образовни институции, просторите за религиозни собири, театрите, кината, местата за спортски и уметнички настани, деловни активности, јавни служби и генерално затворени простори за собир на јавноста;

-Ограничување на средствата за транспорт.

-Премиерот даде јасни упатства за спроведување на овој план, чии аспекти ќе се развиваат согласно со случувањата со коронавирусот на европско и светско ниво. Остануваме смирени, ги спроведуваме мерките за кои одлучивме и сме во состојба на будност за да направиме сѐ што ќе биде потребно за заштита на јавното здравје, рече портпаролот на грчката влада.

Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите и странските дописници апелираше до претставниците на медиумите да придонесат во информирањето на граѓаните за превенција од коронавирусот.

Треба да знаете
Последни објави