Search

Грчката Влада подготвена да воведе дополнителни мерки за Ковид-19 во поширокиот регион на Атина

Владата е подготвена да спроведе дополнителни мерки за ограничување на ширењето на коронавирусот во Атика, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на денешниот редовен состанок со надлежните министри и епидемиолози за Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Областа Атика, поширокиот регион на Атина, со околу пет милиони жители, поради зголемениот број нови случаи на коронавирусот беше во фокусот на денешниот состанок.

-На картата со позитивни случаи, Атика е со над пет отсто. Има постепен пораст во изминатите седмици, така што ова е еден од факторите што ја ставаат Атика во портокаловата зона, рече професорот епидемиолог Сотирис Циодрас кој е и шеф на надлежната Комисија за Ковид-19 во Министерството за здравство на Грција.

-Јасно е дека постои проблем во Атика, со кој треба да се справиме. Апсолутно сум подготвен, по денешната соодветна препорака од Комисијата, да донесеме некои дополнителни мерки што се однесуваат на јавните собири, на одложување на 14 дена на културните настани, мерки кои ја охрабруваат работата на далечина и во државниот и во приватниот сектор, за да ги ограничиме непотребните движења, порача Мицотакис на состанокот и додаде дека сепак за да има резултат, потребно е почитување и на евентуалните нови мерки, но и за оние кои веќе се воведени.

Паралелно, во неколку различни делови на Грција, поради потврдени позитивни случаи на Ковид-19, затворени се целосно или делумно основни и средни училишта.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, од почетокот на епидемијата, заклучно со вчера регистрирани се вкупно 14.400 позитивни случаи, а починаа 325 лица.

Треба да знаете
Последни објави